Љупчо Палевски-Палчо екстрадиран во земјава, веднаш е пренесен во затворот во Шутка, потврди МВР

Министерот за правда Кренар Лога вечерва преку соопштение од Министерството за правда изрази благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција, Јилмаз Тунч, за брзата реакција и за преземањето на сите мерки за екстрадиција на Палевски

Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски вечерва е екстрадиран во земјава, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму соопштија и дека тој веднаш по пристигнувањето на скопскиот аеродром е пренесен во казнено-поправната установа – затвор Шутка.

„Ја информираме јавноста дека денеска полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана потерница за истрага за кривични дела грабнување и убиство по наредба издадена од Основното јавно обвинителство Скопје“,

се вели во соопштението од МВР.

Министерот за правда Кренар Лога вечерава преку соопштение од Министерството за правда изрази благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција, Јилмаз Тунч, за брзата реакција и за преземањето на сите мерки за екстрадиција на Палевски.

„Целата постапка се спроведе во релативно краток период од неполни пет месеци“

се вели во соопштението од Министерството за правда.

Инаку, Палевски како првоосомничен за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава беше лоциран и уапсен во Турција, по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.

Барањето за екстрадиција на Палевски, Министерството за правда го испрати до надлежните власти во Турција на 7 декември, а ресорниот министер тогаш изјави дека очекува брз и позитивен одговор, иако подоцна од Министерството рекоа дека постапката може да трае и неколку месеци.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.

Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.

На 22 декември од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.

Инаку, за убиството на малата Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски се осомничени пет лица меѓу кои и нејзиниот татко, кого истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје го товари дека помогнал во грабнувањето на девојчето откривајќи им ја на сторителите рутината на нејзиното движење.

Покрај Палевски, кој е првоосомничен, за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.

Во случајот е осомничен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого истрагата го сомничи дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување. Минатиот месец Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на Вања и ја укина определената мерка притвор и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.

На сите четворица Основниот кривичен суд во Скопје им определи притвор, а идентична мерка за обезбедување на присуство му беше одредена и на Стефан Димовски, осомничен за помагање на сторителот во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.

Пронајдете не на следниве мрежи: