Витановски рече дека Палевски како причини поради кои е посочен како обвинет во постапката навел дека се работи за претходни непријателства, па дури и, како што кажа адвокатот, некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта
Љупчо Палевски-Палчо денеска на неколкучасовниот распит во Обвинителството негирал каква било поврзаност со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Како што вечерва изјави адвокатот Марјан Витановски, Палевски во своја одбрана посочил докази кои дополнително ќе бидат доставени.
Витановски рече дека Палевски како причини поради кои е посочен како обвинет во постапката навел дека се работи за претходни непријателства, па дури и, како што кажа адвокатот, некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта.
„Обвинениот даде исказ пред Обвинителството, во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело, тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага“,
рече Витановски.
Палевски, додаде адвокатот, даде одбрана посочувајќи факти и определени докази кои дополнително ќе ги доставиме. Тој додаде дека не знаат со какви докази располага Обвинителството, бидејќи до оваа фаза на постапката немаат ниту можност да извршат увид.
„Засега остануваме на тоа и на неговото тврдење дека воопшто не е сторител на кривичното дело. Причиите поради кои е посочен како обвинител во оваа постапка посочи дека се работи за некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта“,
изјави Витановски по неколкучасовниот распит на Палевски во Обвинителството.
Како одбрана, појасни адвокатот Витановски, имаме докази да го потврдиме она што го кажа денеска.
„За сите наводи, со какви докази располага Обвинителството, сметам дека сигурно има признание на останатите обвинети бидејќи за нив веќе има покренато обвинение. Меѓутоа, засега се работи за вербални докази, дали дека некој од останатите обвинети или само поединци го посочуваат него како сторител на кривичното дело, односно дека ги има убиено малолетната Вања и пензионерот Панче“,
додаде Витановски.
Палевски откако беше екстрадиран од Турција беше на распит пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Прашан од новинарите пред судот дали ги извршил и дали се чувствува виновен за убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, тој одговори со „не“.
Додека полицијата го внесуваше во зградата, новинарите го прашаа и дали ќе се брани со молчење, тој исто така одговори негативно.
Неговиот одговор гласеше „да“ на прашањето дали има докази со кои може да докаже дека е невин.
Љупчо Палевски-Палчо на 15 мај беше екстрадиран од Турција. Веднаш по доаѓањето во земјава беше спроведен во истражниот затвор „Скопје“ на издржување на мерката притвор што Судот му ја одреди во негово отсуство.
Од републичкото Јавно обвинителство ден по екстрадицијата соопштија дека во врска со Палевски се преземаат истражни дејствија кои во оваа фаза од постапката не можат да бидат споделени со јавноста.
Инаку, Палевски како првоосомничен за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава беше лоциран и уапсен во Турција, по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 31 мај до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Тројца од обвинетите се гонат за едно кривично дело убиство од чл. 123 ст. 2 т. 1 и т. 7 в.в. со чл. 22 од Кривичниот законик и едно за кривично дело – убиство од чл. 123 ст. 2 т. 1 и т. 4 в.в. со чл. 22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл. 123 ст. 3 од Кривичниот законик, како и за едно кривично дело грабнување од чл. 141 ст. 2 в.в. со ст. 1 в.в. со чл. 22 од Кривичниот законик и за едно кривично дело грабнување од чл. 141 ст. 1 в.в. со чл. 22 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.
Врховниот суд претходно ја одби како неоснована жалбата на Боре Видевски, еден од сега веќе обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Видевски во жалбата изјавена преку својот бранител Бојан Манев барал притворот да му биде заменет со домашен притвор.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.