Љутков го брани планираното приватизирање во културното наследство: Државата ќе има бенефит

„Никој досега или не сакал или немал капацитет да ја реализира идејата за јавно-приватно партнерство за заживување и заштита на културното наследство, што како модел постои во Законот за заштита на културно наследство уште во 2004 година“, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков вечерва на телевизијата „Сител“.

Тој објаснуваше дека тоа, главно, се однесува на изградба на инфраструктура – патишта и осветлување, отворање сувенирници, кафетерии, книжарници, односно придружни објекти кои ќе ги стопанисува приватниот сектор, но дека тој нема да влегува во зоните на заштитеното културно наследство и оти „сè ќе биде контролирано“.

„Тоа е придружна програма во која ќе ни помогне приватниот сектор за да може подобро да се презентира културното наследство. Нешто што беше укинато во последните седум години. Нашето културно наследство беше во темнина, со страшна вегетација“, рече Љутков, набројувајќи локалитети што ги посетил кои се затворени и без пристап поради запуштеност.

Љутков додаде дека е важно што приватниот сектор влегува и со туроператорите кои, како што рече, ќе го презентираат нашето културно наследство „и тоа ќе влезе во културни рути и мапи“.

Државата ќе има бенефит од овој модел, тврди министерот. Тој посочи дека законот е стар 20 години и дека се потребни измени за да го олеснат процесот, што било причината поради која сегментот туризам станал дел од Министерството.

„Друга тема е давање под концесија на културното наследство, што треба да биде чекор понатаму“, рече Љутков, додавајќи дека ќе го следи „примерот на многу европски земји, како го чуваат културното наследство“.

Тој ги нападна „опозициските партии“ кои неправедно го обвиниле дека „ќе прави бизнис и ќе го продава културното наследство за нешто што веќе постои во закон“. СДСМ и Левица, вели Љутков, „прават спинови дека тој ќе профитирал“.

„Не, тоа го правеа тие претходно затоа што нашето културно наследство е останато во мрак. Како ќе го презентирате ако е неисчистено и ако не е заштитено?“, рече министерот за култура и туризам.

Пронајдете не на следниве мрежи: