Голема чест ми е што денес сум тука да го објавам почетокот на еден од најзначајните културни настани во нашата земја – јубилејното 65-то издание на фестивалот „Охридско лето“, истакна министерот за култура, Зоран Љутков, на денешната прес-конференција. Шеесет и пет години не е обичен број, тоа е патека на наследство, изградено со љубов, страст и посветеност. Ова е доказ дека автентичната и квалитетна уметност ги надминува времињата, предизвиците и генерациите. „Охридско лето“ значи многу повеќе од обичен фестивал; тоа е симбол на нашата културна зрелост, отвореност кон светот и врвна уметност, пријателски амбасадор на нашата држава. Оваа година, фестивалот ќе донесе програма која ќе го одржи високото уметничко ниво, но и ќе отвори нови културни хоризонти. Како што објави и директорот, ќе присуствуваат уметници од светски рамки заедно со македонски таленти кои светски блескаат – солисти, оркестри, театарски тимови, модерни изведби и традиционални дела. Меѓутоа, би сакал да истакнам уште едно значење на фестивалот: „Охридско лето“ е исто така и значаен поттик за туризмот. Во текот на фестивалските денови, Охрид е во фокусот на меѓународното внимание. Илјадници посетители, љубители на уметноста, туристи и медиуми доаѓаат во Охрид за да ја почувствуваат комбинацијата на уметност, природа и историја. Како министер за култура и туризам, горд сум на овој фестивал, кој не само што ја промовира културата, туку го поттикнува и културниот туризам, ја зајакнува економијата и ја позиционира Македонија на европската и светската културна и туристичка мапа. Министерството вложи 31 милион денари оваа година за фестивалот, како инвестиција во културата која инспирира и обединува. На крајот, сакам да изразам признание кон организацискиот тим на фестивалот, уметничките селектори, локалните власти и сите поддржувачи. Благодарение на вашата посветеност, 65-то издание на „Охридско лето“ ќе биде вистинска културна манифестација со блесок. Ги поканувам сите граѓани и посетители ова лето да бидат дел од магијата на Охрид, да ја славиме музиката, театарот и уметноста и да потврдиме дека кога културата се негува, таа враќа со светлина и достоинство.
The post Љутков: „Охридско лето“ – Симбол на културната зрелост на државата appeared first on 365.mk.