Ќе бидам поинаков и претседател на сите граѓани, порача Таравари од промотивниот митинг во Гостивар

Говорејќи за својата изборна платформа, тој повтори оти ќе се залага претседателот на државата во иднина да се избира во Собранието, како и за отстранување на формулацијата „20 отсто“ од Уставот што ја дефинира употребата на албанскиот јазик

На митинг во Гостивар, градот чиј актуелен градоначалник е, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ вечерва го промовираше Арбен Таравари како нејзин кандидат за претседател на државата.  

Од обраќањето на Арбен Таравари на промотивниот митинг во Гостивар / Фото: МИА

Во своето обраќање пред присутните во спортската сала „Младост“ Таравари рече дека ќе биде поинаков и претседател на сите граѓани, кој ќе се залага за слобода, еднаквост и хармонија во Северна Македонија, бидејќи, како што кажа, народот е на прво место, што е и неговото мото.  

За кандидатурата за претседател рече дека е одговорност, но и најголемата привилегија што ја имал во животот.   

„На секој од вас што дојде, многу му благодарам, бидејќи вие сте мојата сила. Јас сум доктор 26 години, мојот профил како невролог ме освести за грижите на луѓето, кои доаѓаат од неправеден систем. Како претседател предложен од коалцијата „Вреди“ ќе бидам апсолутен победник во албанскиот табор“,

рече Таравари, кој претходно им се извини на поддржувачите и симпатизирите за кои немаше место во салата и останаа надвор.  

Говорејќи за својата изборна платформа, тој повтори оти ќе се залага претседателот на државата да се избира во Собранието, како и за отстранување на формулацијата „20 отсто“ од Уставот што ја дефинира употребата на албанскиот јазик. 

Пред симпатизерите и партиските членови во Гостивар, од каде тргна промотивната конвенција на Таравари, зборуваат и лидерите на трите политички партии кои се дел од коалицијата – Африм Гаши од Алтернатива, Билал Касами од Беса и лидерот на Демократското движење Изет Меџити.  

Пред присутните се обрати и сопругата на Таравари, Нора Таравари.

Таравари со лидерите на партиите од коалицијата „Вреди“ / Фото: МИА

Токму одлуката за предизборен настап со опозициските партии на Албанците, беше причина за разидување меѓу Таравари и Зијадин Села во Алијанса за Албанците. На одделните конгреси што неодамна ги организираа двете крила во партијата, Таравари беше разрешен од функцијата претседател на партијата, додека пак неговите поддржувачи ја укинаа позицијата претседател на Централното собрание на АА на Села.

Инаку, Таравари веќе го осигура своето учество во трката за претседател на државата, откако ги собра потребните 10 000 граѓански потписи. Покрај Таравари, потребните потписи од граѓаните ги собраа и лидерите на ЗНАМ, Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој е кандидат на ДУИ, кандидатот и претседател на ГРОМ, Стевче Јакимовски и Билјана Ванковска, која е кандидат на Левица. 

Денеска (2 март) на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје беше официјализирана кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата, а утре, исто така, на партиска конвенција треба да биде потврдена поддршката на СДСМ за актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, кој одлучи да се кандидира за втор мандат.  

И Силјановска-Давкова и Пендаровски ќе собираат граѓански потписи за својата кандидатура.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: