Ќе нè исклучат од НАТО

„Ако таа госпоѓа (Гордана Силјановска-Давкова) мисли дека самостојно можеме да ја обезбедиме нашата безбедност, на сите граѓани, на нашите граници и на државата подобро и на поинаков начин, тоа треба да го каже. Меѓутоа, тоа е опасен авантуризам“, рече шефот на државата од изборниот митинг во Гевгелија

Ако Преспанскиот договор биде поништен тогаш ние излегуваме од НАТО, просто кажано, ќе не исклучат од организацијата. Ова од вечерашниот централен митинг во Гевгелија, одговарајќи на прашања од граѓани, го кажа актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски прашан како ги коментира најавите на претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ за евентуално поништување на договорот со Грција.

Стево Пендаровски, претседател на државата и кандидат за втор мандат

„Ако вие го поништите Преспанскиот договор оти не ве бендисува ‘Северна’ – ние излегуваме од НАТО. Значи, просто кажано, ќе не исклучат од организацијата. Ако таа госпоѓа (Гордана Силјановска-Давкова) мисли дека самостојно можеме да ја обезбедиме нашата безбедност, на сите граѓани, на нашите граници и на државата подобро и на поинаков начин, тоа треба да го каже. Меѓутоа, тоа е опасен авантуризам“,

рече Пендаровски одговарајќи на прашањето.

Поништувањето на Преспанскиот договор Пендаровски го оцени како најголема политичка глупост и трагедија во исто време зашто, како што рече, во тој случај ќе останеме потполно сами. Не случајно, вели тој, сите политички гарнитури во изминатите 30 години се обидуваа да го обезбедат влезот во НАТО за земјава, како што кажа, конечно и за век и векови да добие гаранција за својата безбедност.

„Кога ќе ги прашате нив што нудите наместо овие договори кои не ви се по кејф, тие или молчат, или велат дека ќе ги поништат или дека одиме да аплицираме во некои организации чиј дел се азиски или африкански држави. Нашиот пат не би требало да има никаква врска со Азија, ниту со Русија, ниту со Кина, ниту со кои било држави подалеку од европскиот континент. Ние припаѓаме и географски и културолошки и политички во Европа и таму треба да бидеме членка. Само од тие држави можеме да ги учиме најдобрите практики како да ја досредиме државата да биде организирана како Германија, како да иамме независно правосудство како Франција, како да имаме моќна економија како Велика Британија и како да иаммае највисоко ниво на човекови слободи и права како Соединетите Американски Држави“,

додаде шефот на државата и кандидат за втор мандат.

Стево Пендаровски, претседател на државата и кандидат за втор мандат

Пендаровски додаде дека во изминатите седум и пол години, СДСМ и покрај сите лоши политики, не е отстапено од, како што кажа, главната магистрала која води кон Европа и кон западната Алијанса.

„Никогаш не сме оделе ниту лево ниту десно туку само право затоа што знаеме дека од првиот парламент, од првата влада тоа е стратегиска цел која не би смеела се менува. Но, опозицијата тоа го прави. Едно зборува, друго прави, трето мисли да прави ако дојде на власт“,

рече Пендаровски.

Тој направи паралела меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од повеќе аспекти. Во оваа насока го спомена случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу кое го нарече мала, но многу симболична демонстрација како кога би била на власт, ВМРО-ДПМНЕ би се однесувале кон новинарите и кон сите кои не се членови на таа партија.

„Во нивно време имаше две категории на луѓе – членови на ВМРО-ДПМНЕ и сите останати, значи прва категорија граѓани и сите останати. Во тоа време имаше две категории на луѓе – членови на фамилијата на власт и сите останати. Првите беа привилегирани, а сите останати чекавме милост од оние кои беа на врвот да ни кажат дали можеме она кое и по Устав и по закон ни припаѓа. Значи, разликата е драстична. Како црно и бело, како небо и земја. Со сите наши маани, ние сме десетпати подобри од тоа што тие го нудеа порано и тоа што го нудат сега“,

додаде тој.

Пендаровски оцени дека понудата на ВМРО-ДПМНЕ е рециклажа на режимот затоа што сите во партијата, како што кажа, се деца на поранешниот партиски лидер Никола Груевски.

„Генералниот секретар на Груевски сега е претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Вториот човек на Груевски сега е втор човек на Христијан Мицкоски. Антонијо Милошоски беше трет човек во времето на Груевски, сега е трет човек на Христијан Мицкоски. Ниту по име и презиме се разликуваат, а не, пак, по поимање на политиката и пркатикување на политиката“,

посочи Пендаровски.

Пронајдете не на следниве мрежи: