Ќе престанеме со нападите врз Израел само кога ќе престане агресијата врз Газа

Од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, што доведе до војна во Појасот Газа, Хезболах ги напаѓа израелските воени позиции на границата

Проиранскиот Хезболах ќе ги прекине нападите врз Израел само ако се договори прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска неговиот лидер, обвинувајќи ги странските посредници кои сакаат да ги смират тензиите во јужен Либан дека им служат на интересите на Израел.

„Кога ќе заврши агресијата на Појасот Газа и кога ќе биде прогласен прекин на огнот, ќе престане и пукањето во јужен Либан. Ако тие го прошират конфликтот, тоа ќе го направиме и ние“,

рече Хасан Насрала во телевизиско обраќање, одговарајќи на повторените закани од страна на израелските официјални лица дека ќе војуваат со Либан.

Фото: EPA/NABIL MOUNZER

Од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, што доведе до војна во Појасот Газа, Хезболах ги напаѓа израелските воени позиции на границата.

Израел редовно го бомбардира јужен Либан и ги напаѓа претставниците на Хезболах. Поради насилството, десетици илјади луѓе од двете страни на границата се раселени.

Насрала предупреди дека доколку Израел предизвика војна со Либан, раселените од северот на Израел „нема да се вратат“ и дека властите треба „да подготват засолништа, хотели, училишта и шатори за два милиони раселени од северот“ на Израел.

Тој ги критикуваше и странските посредници кои ротираат во Бејрут за да се намалат тензиите.

„Сите делегации кои дојдоа во Либан во последните четири месеци имаа само една цел: да го заштитат Израел“,

рече тој.

Францускиот план, според дипломатски извори, предвидува прекин на насилството од двете страни на границата и повлекување на борците на Хезболах на десет до 12 километри северно од границата.

„Никој да не мисли дека Либан е слаб, дека се плаши и дека може да ни се наметнат услови“,

рече Насрала.

За повеќе од четири месеци, најмалку 243 лица, вклучувајќи 175 борци на Хезболах и 30 цивили, загинаа во јужен Либан, според АФП. На израелска страна, според армијата, загинале 15 лица.

Пронајдете не на следниве мрежи: