Сè уште анализата не е финална во кои сектори. Тоа што го кажуваме е дека од 1 јануари 2025 најмалку во три сектори ќе го аплицираме за да видиме кои се начините на спроведување. Тоа е веќе практика насекаде низ ЕУ, но веќе е и барање од двете страни и од работниците како такво, затоа што е мерка за зголемување на продуктивност, а од друга страна, е за подобрување и на животниот стандард и квалитетот на живот на сите коишто живеат во државата
Ќе се воведе 7-часовен работен ден во најмалку три сектори од 1 јануари 2025 година, со цел да видиме кои се начините на негово спроведување, најави денеска вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, посочувајќи дека тоа е мерка за зголемена продуктивност на работниците, но и за зголемување на квалитетот на животот.
Според него, сè уште не е прецизирано во кои сектори ќе се воведе 7-часовен работен ден.
„Сè уште анализата не е финална во кои сектори. Тоа што го кажуваме е дека од 1 јануари 2025 најмалку во три сектори ќе го аплицираме за да видиме кои се начините на спроведување. Тоа е веќе практика насекаде низ ЕУ, но веќе е и барање од двете страни и од работниците како такво, затоа што е мерка за зголемување на продуктивност, а од друга страна, е за подобрување и на животниот стандард и квалитетот на живот на сите коишто живеат во државата“,
рече Битиќи.
Според него, воведување минимална плата од 600 евра, а просечна плата од 1 100 евра до крајот на наредниот мандат на СДСМ е реалност.
„Зголемување на квалитет на живот не може да се случи ако немате храбри одлуки. Една таква одлука ние донесовме во 2020 година кога не знаевме дека ќе имаме неколку кризи пред себе. Тогаш најавивме минимална плата од 20 илјади денари, а денеска е 22 500 денари, што е далеку над ветувањето“,
рече тој.
Експертската јавност заедно со опонентите, како што посочи, и тогаш ги критикувале како партија дека ќе колабира економијата, дека тоа не е возможно да се издржи.
„Затоа тврдиме дека до крајот на мандатот минималната плата ќе биде 600 евра, а просечната 1 100 евра и дека економијата тоа може да го поддржи затоа што правиме системски измени за сето тоа да се направи. Ме радува што и опонентите покажаа дека инфлацијата во наредните години ќе се движи отприлика два отсто. Тоа е промената на трошоците на живот. И ние тврдиме дека ќе биде по два отсто, тоа значи дека кумулативно за осум отсто ќе се зголемат трошоците на живот, а платата ќе се зголеми отприлика за над 60 до 70 отсто. Тоа е промената што сакаме да ја направиме“,
изјави Битиќи.
Според него, вкупниот број вработени во јавниот сектор е речиси идентичен на тој што бил во 2016 година, со тоа што имало нови вработени зашто има пензионирања, а и напуштања на јавниот сектор.
За тоа колку работни места се генерирани во текот на мандатот, Битиќи рече дека тоа се преку 40 илјади работни места во приватниот сектор за четири години.