Ќе се прогласува епидемија на морбили во Скопје, регистрирани шест нови случаи

Шест нови случаи на морбили регистрирале здравствените власти. Пет од заразените со мали сипаници се деца, а еден е возрасен. Ниту едно од децата не било вакцинирано.
Информацијата за „Макфакс“ ја потврдија од Министерството за здравство и најавија дека во текот на денот ќе излезат со повеќе информации откако ќе заврши седницата на Комисијата за заразни болести која била вонредно свикана. Неофицијално од Министерството велат дека не се исклучува можноста уште денеска да прогласат епидемија на ниво Град Скопје, по информациите дека сипаниците се шират и дека новите случаи се од Гази Баба, Чаир, Бутел и Шуто Оризари. 
Минатата недела во Институтот за јавно здравје беа потврдени два случаи со мали сипаници – 2,5 годишно дете од Куманово и жена на 32 годишна возраст од Шуто Оризари. И тие не биле вакцинирани со МРП и немале контакт со претходно заболените шест деца од градинката во скопската населба Радишани.
Последните контроли на Центарот за јавно здравје покажаа дека вкупно 15 илјади деца на возраст до 14 години не се вакцинирани. Здравствените власти најавија дека ќе се засилат контролите на вакциналните картони, како и критериумите за упис во градинка и училиште, и апелираа родителите да ги вакцинираат децата навреме за да се спречи ризикот од епидемија низ цела Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.