Како што соопшти Османи, покрај амбасадата во Тел Авив, на граѓаните на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Според податоците на МНР, во Израел има најмногу 40 до 50 македонски државјани меѓу кои и семејствата на нашиот дипломатски персонал во Тел Авив. МНР нема точна бројка колку македонски државјани има во поширокиот регион
Министерот за надворешни работи Бујар Османи донесе одлука да се формира Кризен штаб чија примарна задача ќе биде да организира организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски исток доколку за тоа има потреба и истовремено го повика претседателот Стево Пендаровски да го свика Советот за безбедност.
Ова следува откако Иран синоќа, со преку 300 проектили, го нападна Израел како одмазда за бомбардирањето на неговите дипломатски објекти во Дамаск.
Како што соопшти Османи, покрај амбасадата во Тел Авив, на граѓаните на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Според податоците на МНР, во Израел има најмногу 40 до 50 македонски државјани меѓу кои и семејствата на нашиот дипломатски персонал во Тел Авив. МНР нема точна бројка колку македонски државјани има во поширокиот регион.
„Ги повикувам сите државјани да бидат во комуникација со нашата амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон 972 549 267 378 како и СОС дежурните телефони на МНР 075 273 732 и 075 268 376 со цел подготовки за евентуална евакуација. Извлекувањето ќе зависи од динамиката на состојбите во наредните часови и денови како и од отворениот аеродором во Тел Авив кој утрово повторно е ставен во функција, но, работи со ограничен капацитет. Алтернативна рута е копнен пат преку Јордан“,
рече на денешната прес-конференција Османи.
Тој побара од претседателот на државата да го свика Советот за безбедност во поширок состав со учество и на опозициските политички партии бидејќи, како што рече, една помасовна ескалација на Блискиот исток и покрај сите безбедносни реперкусии кои може да ги има, може да предизвика и бран бегалци.
„Тие се разбира ќе ја користат балканската рута, а тоа значи и Северна Македонија со сите можни последици и оттука мора да ја зголемиме отпорноста на државата при такви предизвици“,
рече Османи.
Тој нагласи дека МНР го осудува овој напад како што ги осудил и претходните, и како што ќе ги осуди и евентуалните следни одмазднички напади кои се најавуваат.
„Насилството раѓа насилство, а овој повторувачки круг на одмазда неповратно ја ескалира состојбата во регионот, која многу лесно може да се прошири. Повикуваме на итно стопирање на сите насилства, затоа што ако сега не се прекине со насилството од одмазда, состојбата наскоро ќе ја помине точката од која враќање назад – нема“,
истакна шефот на дипломатијата.
Според него, овие случувања многу брзо може да ја поминат точката на неповрат. Ако на ова, вели се додаде и состојбата во Украина светот никогаш не бил поблиску до трета светска војна.
„Не сакам да ги исплашам граѓаните, но кога во реториката на политичарите нуклеарното оружје станува нешто нормално, тогаш тоа навистина бара внимателност. Оттука барам вниматилност од граѓаните и од политичките лидери“,
рече Османи.