Злоставувањата и потсмевањaта ги трпи уште од детството, но 25-годишната Јулијана Јусеф од Варшава не сака повеќе да се крие. Јулијана има конгенитални меланоцитни невуси – поголемиот дел од телото ѝ е прекриено со младежи.
Девојката признала дека ѝ било потребно долго време да закрепне од злобните коментари кои ги добивала во текот на животот, но конечно се чувствува убаво и сексапилно. Како што признава таа, во тоа ѝ помогнале бројните позитивни коментари на Инстаграм во кои луѓето ѝ пишувале дека е прекрасна.
“Сакам да бидам среќна, здрава и да се чувствувам убаво, самоуверено и секси во својата кожа, а тоа и сум. Но, патот беше долг”, изјавила Јусеф.
Таа се присетила дека до осмата година од животот не обрнувала внимание на своите младежи и мислела дека е многу поинаква од останатите деца. Тогаш започнала да забележува дека луѓето зјапаат во неа. Имало и многу ограничени родители кои не им дозволувале на своите деца да се дружат со неа бидејќи “била заразна”.
Врвот на врсничкото насилство го доживеала на 14 години кога децата ја споредувале со далматинец, жирафа и крава. Некои ѝ велеле дека е валкана, а други ѝ делеле “добронамерни” совети да ги отстрани младежите бидејќи “е убава девојка, но никој нема да ја сака ваква”.
“Веќе и сама верував во тоа дека ниту едно момче нема да ме покани да излеземе со тоа што постојат многу “нормални” девојки. По години криење, омраза кон себеси и страв од луѓето, мислев дека единствениот начин на подигнување на самодовербата е едноставно гордо да ги покажувам”, додала таа.
Јулијана на Инстаграм веќе има околу 100 илјади следбеници кои ја поддржуваат, ѝ се воодушевуваат на нејзината храброст и во неа гледаат инспирација.
Околу еден отсто од децата се раѓаат со ваква дијагноза. Тие најчесто не предизвикуваат никакви компликации, но постои мал ризик од развој на меланом, пренесува “Daily Mail”.