Местенките во фудбалот не почнаа од Христијан Илиевски, ниту од Лучано Моџи. Тие порано не се правеле за кладилници, туку по принципот „на ти дај ми“ за шампионска титула, опстанок или излез во Европа. Се мешале и моќните политичари, а во оваа историска година Вардар играл чисто.
Летото 1986-та е година кога Аргентина стана Светски шампион, Марадона со помош на “божјата рака“ ја елиминираше Англија во четвртфиналето, Стеауа ја шокираше Барселона во финалето од тогашниот Куп на Европски шампиони и Алекс Фергусон седна на клупата на Манчестер Јунајтед.
Југословенската фудбалска јавност тогаш била во очекување на последното коло кое наместо спектакл се претворило во познатата афера „Шајбер“.
Славко Шајбер бил претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија, спортски работник и политичар. Тој бил еден од клучните луѓе за создавање на моќната Цибона, а во Белград заминал како способен човек кој требал да ја подигне професионалноста во фудбалот, да ги искорени нерегуларностите и да издејствува дозволи за ангажирање на странци.
Наместо тоа, тој ќе остане етикетиран како дел од фудбалската мафија за која гласно се зборувало во чаршија во тоа време. Шајбер го поништил цело последно коло од сезоната 1985/1986 во југословенската прва лига поради сомневање за наместени натпревари.
ФСЈ донела одлука да се преигра цело коло, а црно-белите поради тоа што не сакале да се појават на терен ја загубиле титулата. Прваци на тој начин станале црвено-белите, а сите клубови за кое се сомневало дека се вмешани во местење биле казнети со по 6 бода.
Но тука не завршило се, туку во приказната се вмешал Уставниот суд кој ги поништил сите одлуки на фудбалскиот сојуз и потоа настанал хаос кој се пренел и во наредната сезона.
„Да не беше Славко Шајбер и да не ја поништеше заслужената титула на Партизан, ќе игравме две години по ред во Купот на шампионите. Поради влијанието на разни лоби групи, таму отиде прво Звезда, а наредното лето Вардар. Да бевме на нивно место, како што и требаше да биде, веројатно повеќе квалитетни играчи ќе играа кај нас, отколку во Звезда. Објективно можеби пред нив ќе станевме шампиони во Европа“. Не зборувам на памет. Партизан во период од две и пол децении, четири пати правеше голем тим. Најпрво со Милко Ѓуровски, Вучичевиќ, Вокри…Освоивме две титули и да купевме уште 2-3 играчи веројатно ќе бевме на позицијата на Звезда. Во план ни беше и Синиша Михајловиќ, а најблиску до Партизан во тоа време беше Дарко Панчев. Со македонскиот напаѓач направивме договор и сакаше да му пратиме уште банкарска гаранција. Но потоа се вмеша Звезда и…“ изјави неодамна Жарко Жечевиќ, еден од водечките луѓе на тогашниот Партизан.
Што се случуваше во последното коло во 1986 година?
Се играло во сабота на 14 јуни. Партизан и Звезда имале ист број на бодови, но први биле црно-белите поради тоа што имале подобра гол разлика од само еден гол. Звезда гостувала на стадионот Кошево во Сараево, а Партизан бил домаќин на Железничар.
Неколку дена пред клучното коло во фудбалските кругови смрдело на смислена режија, а во хотелот Европа на Башчаршија, во очи на дуелот Сараево – Звезда, судиите вечерале заедно со новинарите и претставниците на двата клуба.
Сараево бил актуелен шампион, но низ град се зборувало дека Звезда ќе им ја наполни мрежата, а Железничар кој имал многу асови во тимот и кој претходната сезона бил полуфиналист во Купот на УЕФА, ќе биде згазен во Белград.
Додека едниот меч доцнел, Звезда со двата гола на Ѓуровски веќе водела со 0:2. Кога Милан Јанковиќ погодил за 0:3, во Белград по 18 минути игра немало голови. Партизан повел во 26 минута и додека црвено-белите биле во соблекувална, нивните ривали во 40-та и 42 минута исто така имале 3:0. По едно одиграно полувреме веќе сите знаеле за што се работи.
Четвртиот гол Звезда го постигнала во 49. минута, а стрелец повторно бил Милко Ѓуровски и откако овој меч завршил, Партизан исто така стигнал до 4:0 и се подготвувал за славје.
Во Сарево новинарите ги остреле перата и не можеле никако да го пронајдат тренерот на домаќините, Бошко Антиќ од кого барале одговори, како може бранителот на титулата кој таа сезона дома немал ниту еден пораз, така лесно да прими четири голови и да не направи шанси пред голот на Звезда.
Еден час после мечот, во автобусот на црвено-белите тишината ја прекинал Жарко Џуровиќ:
„Првенството е загубено, имавме резултат, игра, титула…Сами сме виновни“.
Милко на тоа рекол: „Баш ми е гајле, јас следната сезона ќе играм во Куп на шампиони“.
„Чисто се сомневам, ти имаш уште три меча суспензија од УЕФА, а Партизан ќе испадне во прво коло“, му одговорил дефанзивецот Славко Радованоиќ.
извор: 365
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.