Џафери ќе го објави Законот за јазиците во Службен весник

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска кажа дека ќе го пушти Законот за јазиците за објавување во Службен весник, но не прецизираше кога.

– Не сум оптоварен временски кога ќе го пуштам Законот во Службен весник, рече Џафери.

Уставот во однос на непотпишувањето на указот за овој закон, според него, го прекршил претседателот Ѓорге Иванов. Запрашан што доколку тој биде повикан на одговорност дека без потпис на Иванов го доставил законот во Службен весник, претседателот на Собранието тврди дека тој нема да го прекрши Уставот и оти упатувањето на Законот за објавување не е кривично дело.

Џафери кажа дека не се навраќа многу на настаните од 27 април, посочувајќи дека тој е најлош настан во македонската демократија и оти не би сакал да го коментира бидејќи има процес што е во надлежност на друга институција.

– Процесот е отпочнат во надлежност на друга институција и немам намера да коментирам функционирање на судската власт, рече Џафери.

На средбата со новинарите тој ја потврди средбата во рамки на Жан Моне процесот на 17 мај во Охрид посочувајќи дека некои делови од измените на Деловникот се усогласени.

Усогласени се и законите за судови, за јавно обвинителство и за кривична постапка од страна на работните групи и продолженијата за овие седници ќе бидат закажани на 3 мај, а ден претходно на 2 мај ќе има нова седница.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.