„02 Иницијатива“: Временските прилики главен фактор што влијае врз квалитетот на воздухот

Во Берово минатиот месец имало само еден ден со чист воздух, а Прилеп, Гостивар, Кичево, Тетово, Струмица, Гевгелија немале ниту еден ден воздух без ПМ2,5 честички, соопшти денеска „02 Иницијатива“.

Од Иницијативата појаснуваат дека направиле анализа со споредување на  податоците за присуството на ПМ10 и ПМ2,5 загадувачки честички од сите мерни станици за декември, компарирано низ минатите години.

– Мерните места со најголем број на денови со чист воздух за ПМ 2,5 се Битола 1 (недостасуваат мерења за повеќе денови) и Миладиновци. Мерната станица Битола 1 се наоѓа на периферијата на Битола во близина на мали индустрии за производство на храна и пијалаци, на оддалеченост од 13 километри од РЕК „Битола“. Овие податоци го уриваат митот дека Битола е најзагаден град поради РЕК „Битола“, се наведува во соопштението.

Во однос на ПМ10 честичките, во Скопје и Тетово повеќе ги нема високите дневни концентрации со над 500, 600, 700, 800, 900 микрограми на кубен метар, кои беа резултат на големата индустрија која работеше без филтри, како „Макстил“, „Југохром“ и др.

Во декември 2022 година, со исклучок на Лазарополе, дневни концентрации на ПМ10 до законски дозволените 50 микрограми на кубен метар, повеќе од половина месец имаат Миладиновци – 20 дена, Битола 1, Штип и Берово – 17 дена, Гази Баба со 16 дена и Ректорат со 15 дена.

– Еден индустриски град како Скопје, со мерна станица близу Железара и уште една кај најфреквентна крстосница, имаат скоро еднаков број на денови со дозволено загадување како Берово, и како Битола во индустрискиот дел. Митовите дека места како Берово дишат многу повеќе денови на дозволено загаден воздух од одредени реони во големите индустриски градови со густ сообраќај се рушат, се вели во соопштението.

Најмалку денови со чист воздух во декември изминативе години се измерени во Кичево, Тетово и Кавадарци.

Во декември 2022 година, единствено во Струмица немало ниту еден ден во кој ПМ10 биле под 40 микрограми на метар кубен, што го позиционира градот на врвот на табелата на загаденост.

Од „02 Иницијатива“ заклучуваат дека покрај подобрувањето на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово, откако големите индустрии ги поставуваат филтрите или престануваат со работа, временските прилики продолжуваат да се главниот фактор кој влијае врз квалитетот на воздухот, микроклимата, дали дува ветер или не, од кој правец, дали врне, дали има магла и сл.

– Без менување на начинот на греење и без поставување на построги индустриски стандарди, особено во градови како Скопје каде поради обемот на индустријата во самиот град потребно е користење на гас во производните процеси, секаде каде тоа го овозможуваат најдобрите достапни технологии, како и забрана за другите горива, без регулација на сообраќајот, искоренување на појавата на палење на отворено (стрништа и различен отпад), без контрола на градежните работи и градежната прашина, но и прашината од незазеленети површини и валканите улици што ветерот ја дисперзира во воздухот, нема да имаме воздух чист за ПМ10 и за ПМ2,5, не само во зимските месеци, туку и во текот на целата година, се  наведува во соопштението од „02 Иницијатива“.

О2 е иницијатива за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна средина. 


Пронајдете не на следниве мрежи: