Првиот состанок кај многумина создава нервоза, стрес и паника. Но, зошто првиот состанок е толку застрашувачки? Можеби затоа што никогаш повторно нема да добиете втора шанса да оставите добар прв впечаток кај личноста што седи спроти вас.
Првиот состанок дава можност да си оформите објективно мислење за дадена личност. Многупати се случува некој да изгледа надворешно како совршениот кандидат, а кога ќе ја отвори устата да предизвика вистинско разочарување. Врската не може да опстои само врз основа на физичката привлечност, потребна е и интелектуална поврзаност. Затоа, за повеќето луѓе клучниот фактор којшто дава одговор на прашањето дали ќе има втор состанок е разговорот.
Првиот состанок треба да се врти околу интересен разговор што ќе ве држи и двајцата заинтересирани, ќе биде забавен, опуштен и ќе ви помогне подобро да се запознаете. Ослободете се од лошите мисли дека не можете да го направите тоа. Овие правила ќе ви помогнат да го импресионирате, да го заробите неговото внимание и се разбира, задолжително да добиете покана за втор состанок:
Првиот состанок треба да се врти околу интересен разговор што ќе ве држи и двајцата заинтересирани, ќе биде забавен, опуштен и ќе ви помогне подобро да се запознаете. Ослободете се од лошите мисли дека не можете да го направите тоа. Овие правила ќе ви помогнат да го импресионирате, да го заробите неговото внимание и се разбира, задолжително да добиете покана за втор состанок:
Опуштете се. Многу е лесно да се каже, но многу тешко да се спроведе во пракса. Нервозата често е знак на недостаток на самодоверба и тешко ќе ви биде да убедите некого дека сте одлична личност ако не можете прво сами да поверувате во тоа. Плус тоа, кога сте под притисок тешко е да бидете шармантен соговорник. Затоа, опуштете се и бидете природни.
Воспоставете директен контакт со очите. Контактот со очите е многу важен аспект на секој разговор, не само на разговорот на првиот состанок. Со тоа вие му кажувате на својот соговорник дека сте заинтересирани за она што тој го зборува.
Започнете со едноставни прашања. Во зависност од тоа каде се одвива вашиот прв состанок, започнете разговор за она што ве опкружува. Ако сте во ресторан, разговарајте за храната и виното; ако сте во кафуле – за музиката или пак за коктели и пијалоци.
Продолжете со интересни забавни теми. Музиката, уметноста и филмовите се безбедни и забавни теми кои секогаш отвораат простор за забавен разговор, а плус и помагаат подобро да се запознаете. Со помош на тие теми ќе успеете да оцените дали имате нешто заедничко и дали сте компатибилни. Разговарајте за последните новости од шоу-бизнисот или пак за актуелните локални настани.
Заборавете на сериозните теми. Особено во нашата држава, политиката и религијата се исклучително чувствителни теми и затоа најдобро е да ги избегнувате. Тие често предизвикуваат расправии, а вие сигурно не сакате на првиот состанок човекот кој го посакувате да ве види црвена од бес и лутина.
Избегнете го „полициското испрашување“. Навистина, целта на разговорот е да се запознаете подобро, но ако тој се чувствува како да е испрашуван, тогаш тешко ќе можете да одржите интересен весел разговор. Доколку на крајот излезе дека тој е идеалниот човек за вас, тогаш сигурно ќе имате многу други состаноци, па токму затоа не треба да испрашувате сè само на првиот.
Поставувајте и лични прашања, но разговорот да остане површен. Не навлегувајте премногу во детали. Прашајте го што му се допаѓа најмногу од неговата професија и работа, но избегнете ги прашањата за платата или пак за неговиот шеф. Прашајте го дали има браќа и сестри, но не го прашувајте премногу за неговите родители, за да не извадите на површина некои болни спомени (како развод). Многу често разговорите за браќата и сестрите поттикнуваат позитивни чувства, па тоа е една од сигурните теми за разговор.
Слушајте. Разговорот е двонасочна улица. Не може само вие активно да зборувате, затоа што ќе прерасне во монолог. Многу лесно можете да навлезете во разговорите и да заборавите дека на првиот состанок треба да го процените оној спроти вас, а токму слушањето ќе ви помогне да го направите тоа. Активното слушање ќе ви овозможи да се надоврзувате на неговите зборови и со тоа да покажете дека навистина сте фокусирани на него.
Флертувајте и следете ги неговите реакции. Доколку тој ви се допаѓа, тогаш несвесно ќе флертувате со него (дури и без да забележите) и тоа е нормално. Насмевнувајте се често додека разговарате и следете ја неговата реакција. Ако му се допаѓате, тој ќе се насмевне уште повеќе. Мажите лесно ги издаваат своите чувства преку знаците на телото.
Покажете го вашето чувство за хумор. Секоја незгодна ситуација можете да ја претворите во позитивна и забавна ако го употребите чувството за хумор. Ако истурите нешто, ако се сопнете или ако направите нешто несмасно, пошегувајте се на своја сметка. Тој сигурно ќе го оцени тоа позитивно. Чувството за хумор е една од карактеристиките коишто најмногу ги привлекуваат и мажите и жените.
И за крај…
Не се плашете од неудобната тишина. Доколку во еден момент се исцрпат темите за разговор, не паничете. Еден од знаците дека ви е пријатно во нечие друштво е да можете заедно да седите спокојно во тишина.
Но, ако тишината е честа појава за време на вашиот состанок, можеби треба да размислите да ја одбиете неговата покана за втор.