10 клучни особини на добрите родители

Многу од проблемите со кои се соочуваме денес, се резултат на одредени пропусти во нашето воспитување, а тие пак настанале од проблемите во воспитувањето на нашите родители. Психологот Лион Селцер го воочил ова во неговата долгогодишна практика и издвоил 10 клучни особини кои треба да ги поседува секој родител, за да успее да го изведе детето на прав пат.

Време и внимание – Родителите се должни да го стават детето на прво место во животот. Со тоа што редовно ќе му го укажуваат потребното внимание, ќе му покажат дека тоа им е важно и дека е сакано.

Емпатија и разбирање – За да имаат среќно детство, а подоцна и среќни зрели години од животот, децата треба да се почувствуваат разбрани. Родителот треба постојано да се обидува да го разбере детето што тоа сака да му каже, дури и кога тоа има тешкотии со изразувањето на мислите и чувствата.

Прифаќање – Добриот родител секогаш го прифаќа тоа што детето му го кажува, без разлика дали се сложува со тоа. Личноста на детето мора да биде почитувана. Родителот мора да прифати дека неговото дете има свои мисли, кои во неговиот детски свет имаат своја логика, иако од аспект на возрасен човек тоа може да изгледа поинаку.

Доверба – На детето му е потребно да му биде укажана доверба да ги изврши задачите кои одговараат на неговата возраст. Кога родителот прекумерно се обидува да му угоди, така што тој за него ќе врши одредени задачи, детето ќе се почувствува неспособно и ќе има проблем со исполнување на задачите во зрелите години.

Охрабрување – Кога детето ќе покаже знаци на страв од неуспех во одреденa задача која реално му е достижна, добриот родител ќе го охрабри детето да стигне до успехот.

Признание и пофалба – Добриот родител секогаш ќе го пофали детето кога ќе успее во нешто и ќе му оддаде признание за искрените напори тогаш кога нема да успее.

Допири и прегратки – Еден од најбинтите фактори за постигнување на топла емоционална клима во која детето ќе ја развива својата личност, е во квалитетниот физички контакт. Редовните прегратки му ја покажуваат љубовта и поддршката која му се нуди.

Почит – Детето ќе се однесува и ќе размислува детски, затоа што тоа е соодветно на неговата зрелост и познавање на светот. Родителот не смее неговите чувства и мисли да не ги сфаќа сериозно, да ги исмејува или омаловажува. Тоа ќе нанесе тешки ненадоместливи последици.

Насочување – Има многу родители кои грешат кога се обидуваат целосно да ги контролираат децата, со цел да им овозможат добра иднина. Така нанесуваат само штета. Тие треба да го насочуваат детето и да му го пренесат своето искуство во врска со она што тоа самото сака да го постигне.

Слобода – Добриот родител овозможува физичка, ментална и емоционална слобода за своето дете. Мајката и таткото му овозможуваат да има сопствен простор и приватност и му дозволуваат слободно да си ги искаже мислите и чувствата. Детето не смее да се плаши од скратување на овие слободи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.