Патописецот Дејвид Милер ја обожува природата, која му е едно од омилените места за поминување време со своето семејство. Покрај вообичаеното релаксирање и зближување, тој забележал дека постојат уште неколку придобивки од времето во кое уживаат во природата.
Ја буди имагинацијата кај децата
Децата, како и ние, се постојано затворени во определен круг: дома, училиште, маалото… круг кој ним им е добро познат. Добро им се познати и правилата по кои функционира овој нивен свет.
Прошетката во природа им овозможува да осознаат нешто поинакво. Почнуваат да се интересираат од каде доаѓа реката, што има под каменот, какви животни живеат во шумата… Се соочуваат со непознатото и се буди нивната имагинација: замислуваат како изгледа местото ноќе, како изгледа дното на езерото или како се хранат животните. Што и да ги интересира, самото присуство во природата измешано со детската љубопитност ги тера да истражуваат.
Можноста за интеракција со природата на децата им овозможува да го искористат сиот свој потенцијал за игра и за какви било активности во неа. Компјутерот и книгите можат добро да се искористат во едукативни цели, но тие не можат да ја распламтат имагинацијата и инвентивноста кај нив како неколку часа поминати надвор.
Природата ве прави рамноправни со децата
Во секојдневието точно се знае каква е улогата на децата, а каква на родителите. Во сите случаи децата се оние кои се подредени, кои треба да слушаат, но Милер смета дека кога децата и родителите се сами во дивината тоа ја менува групната динамика, така што децата почнуваат да го ценат тоа што улогата во прошетката не им е подредена и покажуваат поголема одговорност.
Овозможува да се потроши енергијата на здрав начин
Истражувањето на шумата или трчањето по ридовите и ливадите овозможува да се потроши негативната енергија на многу здрав начин. Кога ќе почувствувате дека сите дома стануваат напнати, организирајте активности во природа.
Игрите надвор носат здравствени придобивки
Во ера кога прекумерната тежина кај децата е растечки проблем, добро е да се знае дека барем еден час активности надвор во текот на денот носи големи здравствени придобивки. Исто така, истражувањата покажуваат дека недостатокот на квалитетно време надвор во текот на детството носи емоционални проблеми во возрасното доба.
Учи на емпатија, сочувство и поврзаност
Чувството на поврзаност со природата ги учи луѓето на поврзаност, емпатија и на заедништво. Средбата со природата на детето му дава свест дека потекнува од некаде. Како што водата доаѓа од некаде, а отпадните води од овде одат некаде на друго место, така и луѓето доаѓаат од некаде и се поврзани со остатокот од светот.
Учи дека крајот не е секогаш предвидлив
Во дигиталниот свет сè е предвидливо. Детето игра видеоигра и точно знае што треба да направи за да стигне до следното ниво. Гледаме некакво ТВ шоу и точно знаеме што можеме да очекуваме и кога ќе заврши. Природата не игра по овие правила. Таа секогаш е непредвидлива, постојано се менува и си живее според сопствено темпо. Соочувањето со неа секогаш укажува на тоа дека работите треба добро да се опсервираат и да се биде трпелив.
Учи за тркалото на животот
Средбата со мртви животни или поставувањето прашања за менувањето на годишните времиња на децата може да им даде многу информации за тоа како тече животот и за концептот на животот и смртта. Ќе дознаат дека и тие се дел од природата и не треба да се плашат од неа, туку да ја почитуваат.
Може да се научат многу нови вештини
Може да се научи како да се запали оган, како да се најде чиста вода за пиење или храна, да се изгради преноќиште. Но покрај овие вештини, Дејвид Милер особено го цени тоа што може да се научат и некои основни работи како на пример за изгревањето на месечината итн, кои него го направиле повеќе свесен за своето место во природата.
Може да спаси живот
Пред сè сопствениот живот. Ако некој се чувствува поврзан со природата, го знае своето место во неа и ја почитува, ќе знае како да се однесува во ситуации кои можат да бидат опасни по животот.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.