Оскаровецот Мартин Скорсезе ќе режира документарен филм за поранешниот американскиот претседател Бил Клинтон, објави мрежата HBO.
Документарецот во кој ќе соработува Бил Клинтон, поранешниот претседател од редовите на американските демократи кој два мандата мина во Белата куќа, ќе се занимава со неговите погледи на политиката, историјата, културата и светот.
„Крупна фигура којашто и денес е важна во светските прашања. Претседателот Клинтон и натаму го обликува политичкиот дијалог и тука и во светот“, се наведува во соопштение на славниот режисер Мартин Скорсезе.
Од HBO не објавија кога ќе започне снимањето, ниту кога ќе биде емитуван овој документарен филм.
Бил Клинтон, сопруг на актуелната американска државна секретарка Хилари Клинтон, првпат беше избран за претседател на САД во 1992 година, а во јавноста остана популарен и по заминувањето од власта во јануари 2001 година. Во јули 2012 година агенцијата Gallup објави дека неговата популарност изнесува 66 отсто, и дека е омилен кај сите сегменти од американското општество.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: