Српскиот премиер Ивица Дачиќ, изјави дека ќе ги прекине преговорите со косовскиот премиер Хашим Тачи и со Кетрин Ештон, ако не биде почитуван договорот да не се плаќа царина на стоката која останува на северот на Косово.
„Јас нема да учествувам во преговорите ако не се почитува она што се договоривме“, вели Дачиќ.
Премиерот на Србија вели дека е апсолутно незадоволен со она што во моментот се случува во врска со договорот за интегрирано управување на премините.
„Овде се проблем акцизните стоки и што под таква стока разбира Косово“, вели Дачиќ и додаде дека е свесен дека се можни злоупотреби, па стоката која оди на северот на Косово и која би требало да биде ослободена од царина, всушност да се продава и јужно од реката Ибар.
Вели дека не им е цел да се избегне плаќањето на царина и дека доколку не се почитуваат договорите, нема да продолжи преговори со премиерот на Косово и со високата претставничка на ЕУ.
„Ако едната страна не го исполнува она што се договоривме, јас и покрај добрата волја, навистина не сакам да учествувам во разговорите каде некој ќе го доведува во прашање кредибилитетот на разговорите. Ако Хашим Тачи нема моќ да го почитува договорот, нека дојде некој друг кој има моќ“, додава Дачиќ.
Според Дачиќ, Србија мора да излезе со повеќе предлози за решавање на проблемите со Косово, а преговорите треба да продолжат по 10 јануари.
„Ние не можеме да повторуваме како папагали и да ја држиме главата во песок, освен ако не сакаме да се води нова војна за Косово“, рече Дачиќ кој истакна дека Србија не посакува војна, туку сака со разговор да ги решава проблемите.
Потсети дека нормализирање на односите со Косово е услов за влез во ЕУ.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: