Жителите на латинска Америка се најпозитивните луѓе на светот, додека југоистокот на Европа се наоѓа при дно на листата најпозитивни луѓе, покажа најновото истражување на агенцијата Gallup.
Жителите на Панама и Парагвај најпозитивно гледаат на светот, додека на дно на листата се жителите на Сингапур, Ерменија, Ирак, Србија, а во долниот дел се најдоа и жителите на Македонија.
Gallup ги мереше позитивните емоции во 148 држави во 2011 година, користејќи пет прашања: дали вчера се чувствувавте добро, дали чувствувате дека другите ве почитуваат, дали многу се смеевте, дали научивте нешто интересно и дали уживавте.
Осумдесет и пет отсто од жителите на Панама и Парагвај одговориле со „да“ на прашањата, следуваат Ел Салвадор и Венецуела со процент на позитивни одговори од 84 отсто, па Тринидад и Тобаго, Тајланд со 83 отсто, Гватемала и Филипини со 82 отсто и Еквадор и Костарика со 81 отсто.
На дно на листата е Сингапур со 46 отсто, Ерменија (49 отсто), Ирак (50 отсто) и Србија со 52 (отсто). При дното на листата се најде и Македонија со 55 отсто, колку што имаат и Авганистан, Азербејџан, Хаити и Того.
Од соседните држави, во Црна Гора 56 отсто од испитаниците одговориле позитивно на прашањата, во Хрватска 57 отсто, а во БиХ 59 отсто, додека во Словенија тој процент изнесувал 68 отсто.
Податоците на Gallup изненадија многу аналитичари, кои традиционално се фокусираат на економските показатели како параметри за позитивен живот.
Жителите на Панама, која се наоѓа на 90 место според БДП по жител, изразуваат најпозитивно гледање на светот, додека жителите на Сингапур, петта држава според БДП, имаат најмалку позитивни емоции.
Резултатите се добиени преку телефонски разговори или директни интервјуа со испитаниците спроведени во текот на 2011 година во 148 држави.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: