Машката ракометна репрезентација на Македонија, во четврток ќе ги започне подготовките за настап на Светското првенство во Шпанија.
Селекторот Звонко Шундовски го закажа првиот собир за 13 часот во просториите на Ракометната федерација, додека првиот тренинг ќе го одржи во 18 часот во СРЦ Кале.
Од повиканите 20 ракометари, во Скопје на првиот собир ќе дојдат 17 играчи, капитенот Кирил Лазаров и голманот Златко Даскаловски на репрезентацијата ќе и се приклучат во следните два дена, додека Борко Ристовски ќе му се стави на располагање на селекторот на 30. декември.
Националниот тим, според планот, веќе в петок ќе замине за Пореч каде ќе одигра и еден контролен меч со репрезентацијата на Саудиска Арабија.
Ракометарите до заминувањето во Шпанија ќе одиграат уште две контролни средби, по Нова година на 4 и 5. јануари во Ниш, ривали ќе им бидат Србија и Египет.
Македонската репрезентација на Мундијалот во Шпанија, кој ќе се одржува од 11 до 27. јануари, ќе се натпреварува во Б групата со селкциите на Данска, Исланд, Русија, Чиле и Катар.
Пласман во нокаут фазата ќе изборат првите четири репрезентации од групата.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: