Кинеските власти уапсија речиси 1.000 луѓе во акцијата против членовите на христијанската секта која шири гласини за крајот на светот и повикува на уривање на комунистичките власти, јавуваат државните медиуми пред наводната утрешна апокалипса според древниот календар на Маите.
Групата „Семоќен бог“, како што себеси се нарекува овој „култ на судниот ден“ е обвинета за ширење на гласини за судниот ден 21 декември и поради повикување на следбениците да го срушат „големиот црвен змеј“, како што ја нарекуваат владејачката Комунистичка партија, наведуваат државните медиуми.
Речиси 1.000 членови на сектата кои власта ја нарекуваат „култ на злото“, исто како што ја нарекуваа во 1999 година забранетата група Фалун Гонг, се уапсени во акциите ширум земјата кои почнаа минатата недела, јавуваа Централната кинеска телевизија.
Апокалиптичните предвидувања предизвикаа големо внимание во Кина, благодарение на интернетот и холивудскиот филм „2012“ којшто е делумно инспириран врз наводното пророштво на Маите.
Членовите на култот пропагирале дека според пророштвото за судниот ден според календарот на Маите на 21 декември, сонцето ќе престане да сјае и нема да има струја три дена. Групата исто така ги поттикнувала следбениците да го симнат „големиот црвен змеј“ и да се воспостави царството на „Семоќниот бог“.
Овој христијански култ исто така проповеда дека ќе настапи нова доба и дека ќе ја предводи „женски Исус“.
Оваа секта настанала на почетокот на 1990 година но била чувана во строга тајност поради владината нетолернатност кон верските групи кои не се официјално признати.
Кинеските државни медиуми ја осудија групата поради нивното однесување, а според Дневникот на кинеската младина припадниците на култот користеле и сексуална комуникација, повикувајќи ги членовите на групата да го користат и својот сексапил за да ги заведат осамените мажи.
Кинеските власти се решени да го спречат зголемувањето на култот кој во последните години се проширил во некои провинции во земјата. Демонстрациите на членовите се спречени со сила, а некои од водачите на групите се осудени на смртни казни.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: