Асанж вети во 2013-та нови документи

Основачот на контроверзниот интернет ресурс WikiLeaks кој објавува доверливи политички документи, Австралиецот Џулијан Асанж, вети дека во 2013 година ќе објави милиони нови документи и изјави дека е подготвен да разговора за решавање на својот статус.

Во четвртокот навечер, 41-годишниот Асанж им се обрати на насобраните од терасата на амбасадата на Еквадор во Лондон, каде тој се крие веќе шест месеци, откако британскиот Врховен суд донесе пресуда за негова екстрадиција во Шведска каде што тој е осомничен за злосторства од сексуална природа, а Еквадор му пружи политички азил.
Според британските медиуми, обраќањето на Асанж го слушале околу 80 активисти кои се собрале во еквадорската амбасада, како и новинари. Зградата на дипломатската мисија била опкружена со зајакнати полициски патроли.
„Бидејќи мојата влада не го заштитува новинарството и WikiLeaks, јас морам да останам тука. И покрај тоа, вратата е отворена, и секогаш била отворена за секој кој сака да ги употребува стандардните процедури, да зборува со мене или да ми го гарантира правото слободно да патувам“, изјавил Асанж, облечен во палто и шал и, според присутните, не изгледал лошо во однос на информациите за влошување на неговата здравствена состојба.
Како што рекол Асанж, материјалите кои порталот WikiLeaks ќе ги објави во наредната година, ќе се однесуваат на сите земји.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: