Рускиот претседател Владимир Путин му понуди во четвртокот руски пасош на францускиот актер Жерар Депардје, велејќи дека на славниот актер кој е во препирка со социјалистичката влада на неговата татковина поради новите даноци ќе му искаже добредојде.
Одговарајќи на прашање поставено на годишната прес-конференција пренесувана на телевизиските станици, рускиот претседател Владимир Путин му понуди на 63-годишниот актер Жерар Депардје руско државјанство.
„Доколку Жерар сака дозвола за престој или руски пасош, сметаме дека тоа прашање е решено, и тоа решено позитивно“, рекол Путин.
Навредени од изјавата на Жан-Марк Еирол, францускиот премиер во социјалистичката влада на претседателот Франсоа Оланд, кој неговата преселба во Белгија поради пониските даноци го нарече кукуавичлук, Депардје во отворено писмо му одговори дека тој редовно ги плаќал даноците од 14-годишна возраст и дека е слободен граѓанин на светот, напомнувајќи дека е подготвен да го врати францускиот пасош затоа што смета дека неговата татковина повеќе не е истата.
Во вторникот парискиот дневен весник Le Mond пишуваше дека актерот им се доверил на блиски пријатели дека разгледува три опции за да го избегне новиот даночен систем во Франција: да се пресели во Белгија каде има куќа, да се пресели во Црна Гора каде има деловни вложувања или да се пресели во Русија. „Путин веќе ми испрати пасош“, наводно рекол Депардје, пишуваше Le Mond, што подоцна беше претставено како шега.
Путин, инаку, за спорот меѓу Депардје и француската влада рекол дека смета оти станува збор за „недоразбирање“.
Актерот кој ја поддржа претседателската кампања на поранешниот конзервативен претседател Николас Саркози, се најде на удар на францускиот премиер Жан-Марк Еирол, кој е именуван од социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд кој во кампањата вети зголемување на даноците за богатите Французи, поради преселувањето во Белгија, наводно за да ги избегне даноците во својата татковина Франција. Неодамна Депардје купи куќа во белгиското село Нешен, само неколку минути оддалечено од француската граница каде ужива во селото и во природата, но таму се и пониски белгиските даноци, па многумина во Франција со гнев реагираа на оваа одлука додека тие се справуваат со економската криза и зголемувањето на даноците на луксуз.
Депардје е засега последниот од повеќето богати Французи кои се преселија во Белгија поради ткн данок на богатство, односно зголеменото оданочување на лицата со имот поголем од 1,3 милиони евра во Франција. Претседателот Оланд и покрај тоа, има намера да воведи и ткн суперданок од 75 отсто на приходите поголеми од милион евра.
Депардје, инаку, е добро познат во Русија каде се појавува во многу рекламни кампањи, а во 2012 година беше меѓу неколкуте славни личности од Запад кои присуствуваа на роденденската прослава на Рамзан Кадиров, претседателот на руската кавкаска република Чеченија кој е во добри односи со Москва.
Депардје, исто така, во 2011 година работеше и на филм за животот на ексцентричниот руски свештеник Григориј Распутин.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: