Египќаните на референдумот со мнозинство гласови го одобрија нацртот за новиот устав, објавија во неделата исламистите повикувајќи се на неофицијални извори, а резултатите ги потврди и опозицијата.
Исламистичкото Муслиманско братство коешто на изборите во јуни придонесе за победата на претседателот Мохамед Морси, соопшти дека 64 отсто од избирачите го поддржале нацрт уставот по двата круга од референдумот кој заврши во саботата. Исламистите се повикуваат на неофицијални извори.
Опозициските лидери, исто така, според неофицијални резултати соопштија дека повеќето Египќани гласале за новиот устав.
Референдумската комисија официјалните резултати треба да ги објави дури во понеделникот, откако ќе истече рокот за евентуалните жалби и приговори.
Доколку се потврдат овие засега неофицијални резултати, за околу два месеца во Египет ќе бидат одржани нови парламентарни избори.
Декретот што Морси го донесе на 21-ви ноември 2012 година го поттикна новиот бран протести кои често прераснуваа во судири.
Опозицијата тврди дека со декретот со проширување на овластувањата на претседателот се намалува самостојноста на судовите, како и дека нацрт уставот создава можност за засилена исламизација на египетското законодавство и не дава гаранции за граѓанските, верските и медиумските слободи.
Eгипетското Уставотворно собрание гo прифати нацртот на новиот устав во кој се наведува дека принципите на верските прописи од исламската света книга Куранот (шеријатот), а, исто така, усвои и нов член кој одредува дека Ал-Азхар, изворниот момент на сунитскиот ислам, мода да биде консултирана во врска со „прашања поврзани со исламскиот шеријат”.
Изработката на нацрт уставот ја одбележаа многу спорови меѓу исламистите коишто доминираат во уставотворното собрание и секуларните странки кои тврдат дека Муслиманското братство и неговите сојузници ги маргинализираат во овој процес. Така, претходно собранието го напуштија многу угледни личности, како поранешниот генерален секретар на Арапската лига, Амр Муса, и претставниците на египетската христијанската заедница на Коптите.
Исламистите на Морси наведуваат дека новиот устав е клучен за транзиција на земјата кој демократијата, речиси две години по уривањето на деценискиот автократски режим на поранешниот претседател Хосни Мубарак, и додаваат дека уставот ќе донесе стабилност којашто е многу важна за заздравување на египетската економија.
Опозицијата, меѓутоа, го критикува новиот устав, тврдејќи дека ги фаворизира исламистите и ги негира христијаните, кои сочинуваат 10 отсто од населението на Египет, како и правата на жените и воопшто човековите слободи. Опозициските челници наведуваат дека новиот устав само ќе придонесе за тензии и немири коишто со месеци наназад го потресуваат Египет.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: