Членот на Мотоциклистичкиот клуб „Александар во Скопје“, Тодор Христов ќе биде првиот учесник со македонска лиценца кој ќе настапува на најпрестижното светско рели – Дакар 2013, соопшти Мотоциклистичката федерација на Македонија.
Христов е пријавен во класата на квадови (четвороцикли) во која има вкупно 39 учесници и на 5 јануари 2013 ќе стартува од Лима (Перу) во првиот од 14 предвидени натпреварувачки денови. „Дакар 2013“ е со должина од преку 8.000 километри од кои половина се специјални брзински испити, а остатокот се поврзувачки етапи.
Годинешното рели ќе минува покрај во Перу и низ Аргентина и Чиле, а целта е во Сантиаго на 20 јануари 2013. На листата на учесници се наоѓаат над 450 екипажи во 4 категории: мотоцикли, квадови, автомобили и камиони.
На Тодор Христов ова ќе му биде второ учество на најпознатото рели откако во 2011 година настапи за својата матична земја, Бугарија.
„Навистина уживав во моето прво учество на Дакар, но мора да истакнам дека беше многу тешко. За жал не успеав да стигнам до целта и морав да се откажам по шестата етапа. Во изминатите две години настапив на меѓународните маратонски рели натпревари во Катар и Абу Даби, а на последниот во Мароко го освоив третото место во класата на квадови! Се надевам дека ќе го завршам натпреварот и ќе остварам добар пласман“, се првичните очекувања на Христов кој веќе се наоѓа на јужноамериканскиот континент и ги врши последните подготовки за настапот.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: