Во околината на Москва минус 30, 88 починати од студот

Градоначалникот на руската престолнина Москва, дозволи училиштата да не работат во понеделник поради студениот бран кој до неделата однесе 88 животи во цела Русија.

Според последните извештаи, екстремно судениот бран досега усмртил 88 луѓе, а 538 се примени во болниците, пренесе РИА Новости, повикувајќи се на болнички извори. Според истите извори, седум лица, меѓу кои и едно дете, починале во последните 24 часа од премрзнување.
„Метеоролошките служби предвидуваат во понеделник извонредно ниски температури. Родителите на децата во пониските одделенија имаат право да не ги праќаат децата на училиште доколку температурата се спушти на минус 25 степени Целзиусови“, изјави директорот на агенцијата за образование во московската градска управа, пренесе агенцијата Интерфакс.
Руската метеоролошка служба најави дека ноќта кон понеделникот температурата во московската област ќе падне до минус 30 а во самиот град до минус 23 Целзиусови степени, откако претходните две ноќи беа регистрирани температури од минус 28,3 и минус 22,2 степени.
Русија од пред десетина денови е зафатена од бран ниски температури кои не се вообичаени за декември, при што во источниот дел од Сибир се регистрирани температури од минус 50 Целзиусови степени.
Овие температури се 12 степени под средните вредности за овој дел од годината, а најострата зима во Русија најчесто доаѓа во периодот јануари – февруари. Метеоролозите очекуваат затоплување уште оваа седмица.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: