Платформата на српскиот државен врв за Косово и Метохија претрпела измени една седмица откако и’ беше презентирана на јавноста.
Според белградските медиуми кои се повикуваат на советникот на претседателот Томислав Николиќ и еден од авторите на платформата, Марко Ѓуриќ, платформата што ја подготвија претставниците на највисокиот државен врв на Србија за поранешната покраина којашто во 2008 година прогласи независност, е преформулирана така да не го загрозува продолжувањето на техничкиот дијалог со Приштина.
Со изменетата платформа, овозможено е овој документ да не го доведе во прашање продолжувањето на техничкиот дијалог меѓу Белград и Приштина., а изменета била, според Радио-телевизија Србија, и реченицата со која преговорите се ограничени со принципот дека ништо не е договорено сé додека не биде договорено“.
Измените следеа помалку од една седмица откако српскиот претседателот Томислав Николиќ ја претстави платформата пред амбасадорите на Европската унија, Русија, Кина и Велика Британија во Белград, како и пред лидерите на српските партии, меѓутоа неговиот советник Ѓуриќ демантираше дека документот е променет под притисок на Брисел и Вашингтон тврдејќи дека „не се работело под ничии налози бидејќи за косово „со месеци траат непрекинати консултации“.
Истовремено Ѓуриќ ги отфрли и нагаѓањата дека постои судир меѓу претседателот Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ во врска со платформата за Косово и Метохија.
Со платформата на српскиот државен врв се искажува подготвеноста на Белград за разговори со Приштина, се бара висок степен на територијална и политичка автономија за српските општини на Косово, како и гаранција за автономијата во највисоките законски акти на поранешната автономна покраина, како и гаранција од функционерите на меѓународната заедница кои учествуваат во преговорите.
Една до формулациите коишто наводно не била прифатлива за Европската унија и САД е дека „со цел да се заштитат своите државни интереси, Владата на Република Србија, се воздржува од постигнување натамошни парцијални договори со Привремените институции на самоуправата во Приштина (ПИС) во рамките на ткн ’технички дијалог’, поради тоа што тие водат промени на ситуацијата на теренот во полза на ОПИС, како и слабеење на преговарачката позиција на Србија во политичкиот дијалог на високо ниво, како и дека може да доведат до дестабилизација на безбедносните околностите“.
Како темелна точка на платформата „за разговори со ПИС на високо политичко ниво е Република Србија, во согласност со меѓународното право, како и со својот Устав и волјата на народот, не признава и никогаш нема да го признае еднострано прогласената независност на Косово“.
Претходно беше предвидено за платформата да расправаат и пратениците во српската Скупштина (парламентот), но во меѓувреме усогласено е парламентот да ги разгледа само основните принципи наведени во платформата, додека за преговорите со Приштина ќе бидат земени предвид предлозите и сугестиите на лидерите на парламентарната опозиција, претставниците на Србите од косово и партиите од владејачката коалиција.