На Европа 2012-та и’ донесе невработеност и емиграција

Рецесија и невработеност ги турнаа во 2012 година милиони Европејци во сиромаштија, стотици илјадници ги натераа на емиграција слично како на големите браново иселување од минатите векови, а кризата не ги одмина ниту средната класа, ниту заштитените групи, како на пример децата кои беа опфатени со традиционалниот европски социјален систем.

Во Шпанија, четвртата според обемот економија во еврозоната, присутни се сите елементи на голема општествена криза: невработени  се четвртина од работоспособното население, владата со незапаметени и незамисливи досега мерки за штедење ги кастри парите за здравството, образованието и социјалната нега, илјадници презадолжени семејства завршија на улица.
Минатиот месец Шпанија беше потресена од смртта на два сопственика на станови кои извршија самоубиство за да не бидат исфрлени од сопствените домови коишто ги загубиле бидејќи не можеле да го отплаќаат кредитот. Потоа следеше голема кампања на активистите за човекови права и владата мораше да донесе мораториум на деложациите, односно иселувањето од становите.
Италија, пак, беше потресена од очајничкиот чин на самозапалување на невработен ѕидар од Болоња, судски гонет бидејќи не можел да го плати данокот.
„Џузепе беше жртва на системот кој работи против своите граѓани. Тоа не е самоубиство поврзано со кризата, тоа е злосторство што го стори државата“, изјави за локалните медиуми вдовицата Тициана Мароне за која е многу јасно кој е виновникот за самоубиството на нејзиниот сопруг.
Ситуација, без сомнение, е најтешка во соседна Грција којашто живее под буден надзор на странските доверители и со невработеност од 26 отсто, Според последните податоци на европската статистичка агенција Евростат, 31 проценти Грци во претходната 2011 година живееле под закана на сиромаштијата и исклученсота, што беше над тоагашнито просек во Европската унија од 24,2 отсто. За 2012 година, податоците уште не се пресметани, но се стравува дека ќе бидат попоразителни.
Поголем просек од оној во ЕУ, според истото истражување имала Португалија, четвртата зона од еврозоната погодена од должничката криза каде 2,6 милиони или 24,4 отсто од населението било под заканата од сиромаштија и социјалната исклученост.
Невработеноста и неможноста да се отплаќаат кредитите бутнаа во беда цели семејства. Сиромаштијата повеќе ја погаѓа средната класа и групите коишто беа социјално заштитени. Невладините здруженија  особено се загрижени за судбините на жените и децата кои досега беа заштитувани од механизмите за семејни додатоци.
Фондацијата на Обединетите нации за децата (UNICEF) наведува дека 2,2 милиони деца во Шпанија живеат на прагот од сиромаштијата. Кон крајот на ноември, португалските власти, пак, објавија дека меѓу 10 и 13 илјади деца немаат доволно храна.
Сé позагрозени стануваат во ЕУ и пензионерите. Кога невработеноста почна да тропа на портите и членовите семејствата почнаа да остануваат без работа, единствените сигурни приходи станаа пензиите коишто понекогаш мораа да издржуваат цели семејства. Меѓутоа, сега и тоа станува проблематични, бидејќи пензиите не се ускладуваат со инфлацијата или се кастрат исто како и платите.
Невработеноста на младите во јужна Европа достигна и 40 отсто во некои земји. Без работа се околу 5,5 милиони Европејци на возраст од 16 до 24 години, се наведува во Регионалниот информациски центар за Европа (UNRIC) на Обединетите нации. Во 27-те земји членки на Европската унија невработеноста на младите изнесува 22 проценти или двојно повеќе од општата невработеност, се наведува во документот на организацијата во кој уште се додава дека последиците би можеле да бидат погубни за цели генерации.
Со истекот на златниот период на југот на Европа, младите сé повеќе се свртуваат кон северот на континентот. Десетици и стотици илјади млади излезот го гледаат во иселувањето, иако и тоа за некои од нив е неостварливо, вели невработен грчки дрводелец кој нема пари да купи билет за патување па вели дека многумина мора да живеат како „затвореници во сопствениот дом“.
Според официјалните податоци, во последните две години 117 илјади Шпанци се иселиле од земјата како и нивните татковци во децениите од франкистичката диктатура во периодот од 1939 до 1975 година.
Ирска, пак, земјата којашто беше погодена со масовни бранови иселувања во текот на минатите векови, во 2011 година ја напуштиле 50 илјади жители во потрага по работа. Се очекува дека во 2012 година таа бројка ќе биде и поголема.
Ирците најмногу се иселуваат во Австралија и Велика Британија. А во земјите на Латинска Америка, како Бразил и Венецуела коишто се во полна експанзија, како и на северот од Европа се иселуваат високообразованите млади Шпанци.
„Околу 25 отсто од нашите студенти се инженери, лекари или информатичари. Коишто сакаат професионалната кариера да ја остварат во Германија“, вели директорот на Институтот Гете во шпанската престолнина  Мадрид кој регистрирал 50 отсто поголем интерес за учење на германскиот јазик во последните две годни.
Главни дестинации на младите јужни Европејци се и Австрија, Германија, Холандија или Норвешка која на почетокот од 2012 година понуди 25 илјади работни места, покажува истражувањето на UNRIC. Оваа агенција на ОН наведува дека, повикувајќи се податоците на норвешките даночни власти,  бројот на вработените Грци во Норвешка се зголемил за 82 отсто во однос на почетокот од 2012 година, на Шпанците за 33 а на Италијанците за 6 отсто. Поради недостигот од инженери во Германија,  ова земја стана популарна дестинација за младите од југот на континентот кои се стекнале со ваква диплома .
Слободат ана движење на државјаните на ЕУ ја олесни мобилноста и буди подобра можност за милиони невработени. Меѓутоа, додека северот на Европа царува, југот веќе жали за изгубените генерации. Бидејќи тешко  матичните земји ќе ги привлечат поранешните свои студенти стипендисти да се врата и низ труд и даноци да им ги вратат на татковините парите вложени во нивното образование.
Кризата фрли во очајување милиони, но ја поттикна и солидарноста на заедниците и поединци коишто наместо да лелекаат одбраа да преземат акција.
Така, во Португалија жителите на помалите општини организираат своевидни банки за храна за најсиромашните.  Да не беше кризата Жозе Мануел Бермудез, градоначалникот на Санта Круз де Тенерифе на шпанските Канарски острови не би имал сили да се спротистави на моќната банка „Bankia“ којашто на улица исфрли самохрана мајка на две деца бидејќи не можела да го отплатува кредитот, бидејќи останала без работа. Градоначалникот Бермудез одлучи да повлече од сметката во „Bankiа“ 1,5 милион евра општински пари и дури тогаш раководството на банката беше подготвена да разговара за иселувањето или за реструктуирање на долгот на жената.
Неговиот  пример го следеа и други градоначалници, како Хуан Алберто Белоча од Сарагоса кој на локалната полиција и’ нареди да не учествува во иселувањето од становите уште пред владата во Мадрид да го донесе мораториумот за ваквите случаи.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: