Фудбалската федерација на Македонија во среда официјално соопшти дека Чедомир Јаневски е новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација.
Јаневски (51) ќе дебитира на клупата на нашиот национален тим на 7 септември во Загреб против Хрватска во првиот натпревар од квалификациите за наредниот Мундијал.
Како фудбалер Јаневски има настапувано за Скопје, Вардар, Бриж, Шарлроа, Истанбулспор и Локерен. Во дресот на македонската репрезентација има пет настапи, а има и два настапи за репрезентацијата на некогашна Југославија.
Јаневски има богато интернационално тренерско искуство. Најдолго се задржа во белгиски Бриж, каде започна како тренер во младинскиот тим на Бриж, по што работеше и како асистент, а беше на чело и на првиот состав на белгискиот прволигаш. Седел на клупата на Црвена Звезда и кипарските клубови Енозис и Етникос Ахна.
Јаневски, кој и за време на мандатот на претходното раководство на ФФМ во два наврати беше кандидат за селектор, ќе има тешка задача да го поврати разнишаното реноме на репрезентацијата, која се најде на 102 место на листа на ФИФА.
Извор: МакФакс www.makfax.com.mk
Пронајдете не на следниве мрежи: