Додека илјадници христијански аџии се слеваат деновиве за прославата на Божик во Витлеем на Западниот брег, израелските археолози тврдат дека постојат силни докази дека Исус Христос е роден во друг Витлеем, мало село во Галилеа.
Околу 160 километри северно од местото каде што секоја година се собираат христијанските аџии, овчарите и натаму ги водата своите стада низ негибнатите зелени ридови, а малку од нив знаат да упатат кон зафрленото село со име Витлеем во Галилеа, Меѓутоа, израелските археолози дека постојат доволно докази дека тој Витлеем е токму Витлеем во кој се родил Исус Христос, јави во вторникот американската јавна радио мрежа NPR.
„Мислам дека токму овде е местото на Исусовот раѓање, а не во другиот Витлеем во близина на Ерусалим“, вели Авирам Ошри, археолог од израелската Управа за старини, кој на споменатата локација водел сеопфатни ископувања. Градењето на улица низ селото довело, според него, до првото откривање на доказ дека Витлеем во Галилеја, можеби имало посебно место во историјата.
„Го населувале Евреи. Знаеме дека биле Евреи бидејќи тука најдовме остатоци од производство на камени садови, а нив ги користеле само Евреите и тоа само во времето на Исус“, додава Ошри.
Тој пронашол артефакти коишто укажуваат дека неколку векови подоцна оваа заедница станала христијанска, којашто изградила голема и богато украсена црква. Ошри натаму вели дека постојат значајни докази дека во раното христијанство тој Витлеем бил славен како родното место на Исус Христос. Царот Јустинијан наредил да се изградат ѕидини околу населбата за да може да се заштити. Урнатините од тие ѕидини дене сѐ уште опкружуваат делови од тоа село во Галилеја.
Ошри смета дека многу научници коишто го проучуваат тој период би заклучиле дека овој Витлеем е родното место на Исус Христос.
„Има многу повеќе смисла дека Марија јавала на магаре кога била при крајот на бременоста, од Назарет во Витлеем Галилејски кои е оддалечен само седум километри, а не во другиот Витлеем до кој има 150 километри“, вели Ошри.
Нагласува дека постојат докази дека вториот Витлеем на Западниот брег, кој Израелците го нарекуваат Јудеја, не бил населен во I век од нашата ера.
Пола Фредриксен, американската научничка којашто го проучува историскиот Исус Христос, вели дека раното христијанство почнало да му посветува внимание на Витлеем во Јудеја дури во IV век од нашата ера, кога царот Константин го прогласил христијанството за официјална религија во Римското царство.
Според Стариот завет, јудејскиот Витлеем е градот на Давид во кој ќе се роди идниот Месија. Фредриксен смета дека имало логика раното христијанство да се сврти кон тој Витлеем
„Единствениот Витлеем кој е важен за традицијата е Давидовиот Витлеем. А Витилеем на Давид е сосема конкретно во Јудеја“, вели Фредриксен.
И нејзиниот израелски колега Ошри ги извлекува истите заклучоци. Тој вели дека за богобојазливите христијани приказната за Исус и неговото раѓање се нераскинливо поврзани со меѓународно познатиот град Витлеем.
Тој верува дека на христијаните нема да влијае сознанието дека Витлеем на кој тие мислат е погрешниот.
„Не мислам дека тоа ќе има какво и да е влијание. Традицијата е една работа, луѓето и натаму ќе веруваат и јас тоа можам да го разберам“, заклучува Ошри.