11 Октомври, 75 години потоа

За 11 Октомври и „првата пушка“ – неминовна е асоцијацијата на Прилеп. И 75 години потоа (по нападот на тогашната полициска станица Участакот, денес меморијалниот музеј „11 Октомври“, со  што е означен почетокот на македонското народно антифашистичко востание) тече приказната за едно херојско време, но и потребата на Прилеп да ги чува  настаните кои го сменија текот на македонската историја.Тргнавме по врвиците на спомените. Заедно со историчарот од прилепскиот „Завод и музеј“, Рубин Белчески. И тоа на местото каде спомените се документирани, вечно оттргнати од заборавот – некогашната полициска станица – Участакот, денес меморијалниот музеј „11 Октомври“.
 
Музејот е обновен неодамна. Поточно, на 70-годишнината од виорните настани 41-та (2011). Уште на влезот е макетата на некогашната полициска станица. Со малиот мост пред неа преку прилепска Градска река. Десно е некогашната полициска канцеларија, сега со документи и фотографии кои ја почнуваат приказната за Востанието опишувајќи ги настаните и приликите, како и неговата подготовка.
– Фасцинантен е податокот колку Прилеп бил речиси целосно вовлечен во подготовките на Востанието. Преку 2.000 граѓани биле на овој или на оној начин, вклучени во илегалното движење против фашистичкиот окупатор. Организирани во групи, секој имал своја задача и улога: собирање санитетски материјали, оружје преку прирачни и големи скривници, жени плетеле облека и чорапи за идните одреди, чевларите правеле чевли и чизми. Дури преку 250 куќи во  градот биле вклучени во илегалните активности. Градот, и околината „вриеле“  од подготовките за почетокот на Народното востание, ја почнува приказната историчарот Белчески.
 
Лево, од „канцеларијата“ во приземјето на Музејот (некогашниот Участак“)  според историчарот Белчески, а и за прилепчани, била најморничавата и стравотна просторија во објектот –  ќелијата каде биде измачувани приведените граѓани и сомнителните.
– Ќелијата е местото на големите страдања и измачувања на оние кои биле приведувани. Особено по таа вирона 11-октомвриска ноќ кога, по пукањето во рацијата на бугарската полиција биле приведени околу илјада сомнителни граѓани. Тоа градот никогаш не го заборавил, вели Белчески.
По скалилата, на катот од Музејот, во просториите лево и десно е „распослана“ целата приказна за Востанието. Со сите фотографии и документи, скиците за нападот, бројот на борците на трите групи кои ноќта на 11 октомври нападнале, на целиот одред „Гоце Делчев“ кој го понесол „товарот“ на настаните. Белчески продолжува со потсетувањето на настаните.
 
– На 11 октомври собирното место за формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ со 36 борци е месноста Црвени Стени над Прилеп. Во 22 часот три групи од борците го започнуваат нападот. За нападот на Участакот се одредени: Аспарух Јосифоски, Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски, Драган Спиркоски. Во нападот на затворот учествувале: Мице Козар, Јонче Јаниќ, Никола Попоски, Перо Крстески, Благоја Корубиноски и Душан Ристески, а за прекинот на телефонските и телеграфските жици биле задолжени: Крсте Црвенкоски, Мице Димески, Киро Базеркоски, Коле Чашуле и Киро Ќосески. Првиот истрел во 22 часот го истрела Душко Наумоски со кој го убива стражарот пред Участакот. Тоа е знак и другите две групи да го почнат нападот. Во затворот, сепак, не биле ослободени затворениците. Потоа, сите три групи се повлекуваат без загуби и со тоа е означен почетокот на оруженото востание, првото ефективно востание кое резултира со создавање самостојна држава, остварувајќи ги стремежите на сите генерции Македонци, објаснува Белчески.
Музејот „11 Октомври“ чува и една посебна, необична приказна за тоа како настанала неофицијалната партизанска химна „А бре, Македонче“, една од најпреработуваните песни и во современиот период, песната која носи своја порака. Нејзиното создавање е врзано со 11 Октомври, со одредот „Гоце Делчев“ и со првата слободна партизанска териоторија во Македонија во 1941 година, а за историчарот Белчески, кој истражувал долго време, била и првата слободна територија во тоа време во Европа. Приказната за песната „А бре Македонче“ е необична.
 
– Според моите истражувања, песната е создадена во периодот од 23 октомври и 8 ноември 1941. Во тој период, тројцата борци од првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ (Крсте Црвенкоски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски Оцка) добиле, условно кажано, партиска задача да создадат една песна која ќе го подигнува борбениот дух, борбениот морал на борците, а воедно ќе го поттикнува населението за приклучување во партизанското движење. Тројцата литературно надарени, а Оцка посебно музички надарен, бидејќи свирел на виолина и бил музички образован, (денес основното музичко училиште во Прилеп го носи неговото име) во тој период ги создаваат стиховите ,музиката за песната, ги објаснува своите истражувања историчарот Белчески.
За песната претходно ја прашавме и сопругата на покојниот писател Коле Чашуле, театрологот Јелена Лужина. Таа, објасни дека внимателно ги слушала раскажувањата на Чашуле. Тројцата (Црвенкоски, Михајлоски и Чашуле) се труделе да ја стокмат врз основа на мелодиската линија за една револуционерна песна од илинденскиот период што Оцка Михајлоски ја знаел. Ги одредувал тактовите, а песната денеска има статус на народна. Прв пат е објавена 1943 година на Лопушник во „Зборник на партизански револуционерни песни“ што го подготвил Кочо Рацин.
Белчески објаснува првата изведба на месната „А бре Македонче“ е во ноември 1941 година во прилепското село Царевиќ кое одредот го ослободил и е првото слободно парче територија. Оттогаш песната почнува да живее. До ден-денес.
– Преку ноќ „А бре Македонче“, почнува да живее. Не била шепот, се пеела гласно во Народната Револуцијата. Таа е прифатена не само од партизаните, туку и од жителите. „А бре, Македонче“ стана химна на партизаните. И до денеска е меѓу најпознатите песни.  Ја има во првиот македонски филм „Фросина“, потоа и во „До победата и по неа“, во дует ја снимаа Никола Бадев и Александар Сариевски, ја преработувале „Леб и сол“,  па Гаро. Ја пеат навивачите и спортистите. Едноставно, песната стана вечна, зашто  е инспирација за издржливост, непоколебливост. Нејзината поента „македонско име нема да загине“ несомнено е поактуелна денеска, а актуелна била секогаш, вели историчарот Рубин Белчески кој истражувал како настанала песната. И токму во музејот „11 Октомври„ каде се истакнати и нејзините стихови.  И не случајно е тука, зашто секоја револуција има своја песна, а македонската ја има „А бре, Македонче“.
 
Музејската прошетка, низ документите и фотографиите, настаните и низ спомените за едно виорно, и пред се, херојско време со идеали, ја завршуваме со силен впечаток – настаните и постапките во решавачките мигови ги одредуваат човекот, еден град и цела држава. Според историчарот Белчески, несомнено 11 октомври е една од тие клучни одредници.
– По 75  години, многу работи се променети. Прво, нема ниту еден жив од директните учесници во таа 11-октомвриска ноќ. Нивните сеќавања за настаните се забележани, а документите и фотографиите, музејските поставки ќе сведочат за тие времиња. Така е со историјата. Но, едно останува- печатот што го носат луѓето во себе, па и градот, дека тие се потомци на младите момчиња (сите по деветнаесетина години) кои станаа дел од историските настани, заклучува Белчески на крајот од прошетката низ историјата и спомените.
Не само музејот „11 Октомври“ (некогашниот Участак), туку речиси секоја куќа, секое сокаче и улица во Прилеп постојано жуборат спомнени и сеќавања на времињата пред 75 години. Останува уверувањето на неговите жители – се што се случувало, а потоа е дел од македонската понова историја, е забележано во корените на градот кој во Револуцијата дал 650 жртви и 10 народни херои.
Елизабета Митреска за МИАТргнавме по врвиците на спомените. Заедно со историчарот од прилепскиот „Завод и музеј“, Рубин Белчески. И тоа на местото каде споменит

Пронајдете не на следниве мрежи: