Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски вели дека жали за случувањата во Парламентот во понеделникот, но тврди дека бил принуден да го одржи редот во пленарната салa и да создаде елементарни услови за работа.
Вељаноски, во интервју за МИА, смета дека е постапено согласно Деловникот, Уставот и законите и оти e испочитувана процедурата за донесување на Буџетот.
„Верувајте, во мојата професионална, но и лична кариера, не сум бил исправен пред потешка одлука, особено заради тоа што е поврзана со колеги пратеници. Сега кога се смирија страстите и кога целосно се разјаснија сценаријата за насилно суспендирање на македонскиот законодавен дом, сосема искрено сакам детално да ја известам јавноста за сето она што се случуваше изминативе недели”, вели Вељаноски.
Спикерот на Собранието смета дека биле направени максимални напори да се изнајде решение и искористени сите можности за деблокирање на донесување на Буџетот, но оти опозицијата не прифатила ниту еден од дадените предлози и го злоупотребила Парламентот за своја ултимативна пресметка со Владата.
„Сепак, личната горчина од запрепастувачкиот однос на моите колеги, кои како толпа посегнаа по мене, ќе треба време да се надмине. Конкретно, сакам јасно да се знае дека беше постапено во согласност со членот 93 од Деловникот. Согласно оваа норма беше искористено доделеното овластување, со помош на внатрешното обезбедување да се обезбедат услови за работа на законодавниот дом, да се воспостави ред. Откако, речиси целата пратеничка група на СДСМ нагрна кон мене, еден нивен пратеник ми ги одзеде списите за водење на седницата, друг го скрши микрофонот, трет го онеспособи мониторот и инсталациите, четврт почна да се качува на работната маса, некој упатуваше закани кон мене, а друг поттикнуваше мое физичко отстранување…”, вели Вељаноски.
По овој физички напад во толпа, обезбедувањето проценило дека му е загрозена личната безбедност и го извлекла од салата.
„Како што и е познато на јавноста, истиот момент после тоа, претседателското место во Собранието беше узурпирано од колегата-пратеник Горан Минчев заедно со другите пратеници од СДСМ кои беа околу претседателскиот пулт, како и околу говорницата”, вели Вељаноски.
Претседателот на Собранието вели дека на крајот на денот мора да победи редот и поредокот, да се покаже дека државата функционира и дека нема да дозволи никому, да си поигрува со институциите и да ги турка граѓаните едни против други.
„Сите ние во суштина сме еднакви, без оглед дали сме пратеници или кој било друг, никој не може да се постави над сите и да диктира што да се прави”, додава Вељаноски.
Тој уште еднаш изрази жалење за тоа што новинарите беа исфрлени од галеријата, но вели дека тоа било направено заради избегнување поголем инцидент.
„Собранието на Република Македонија како институција секогаш било максимално транспарентно за што сведочат сите релевантни фактори. Во овој дел, јас лично, како претседател секогаш сум се заземал и ќе се заземам за отворен и пред се професионален однос кон новинарите и медиумите. Сепак, околностите кои се создадоа, а во согласност со член 43 од Законот на Собранието претпоставуваа мое барање упатено до собраниското обезбедување за обезбедување на редовен тек на седницата. Во оваа смисла, тие ги планираат и преземаат потребните мерки. Да потсетам дека на почетокот, новинарите беа присутни на галеријата од пленарната сала. Откако се случи првиот инцидент, кога и јас како претседател на Собрание бев нападнат, кога беше уништена и техниката, а обезбедувањето мораше да ме извлекува од пленарната сала, проценка било на надлежното собраниско обезбедување, имајќи во предвид дека галеријата е во суштина дел од пленарната сала бидејќи истата е надвисната над пленарната сала да се испразни за да се избегне случување на некој поголем инцидент”, вели Вељаноски.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: