Петров убедуван од страна на Вељаноски

Непосредно пред да го вратам Буџетот во Владата за да ни достави дополнет предлог Буџет, самоиницијативно иницирав уште еден разговор, овој пат со генералниот секретар на СДСМ, г.Андреј Петров, сметајќи го како поумерена личност.

Сакав да направам уште еден конструктивен обид надевајќи се дека ќе издејствувам преиспитување на нивните крајно непоспустливи позиции, вели Трајко Вељаноски во интервјуто за МИА.

-Од моја страна беа преземени сите можни чекори да се спречи и да не дојде до онаа грда слика која, за жал, се создаде во понеделеникот, во македонскиот парламент. Во сиот овој период секојдневно организирав координативни средби, се обидував согласно Законот за Собранието да ги создадам сите услови за водење на конструктивен политички дијалог, и во таа насока дадов и четири предлози како Собранието да излезе од блокадата и да продолжи да ја спроведува својата законодавна функција. За жал, ниту еден од нив не беше прифатен, ниту се имаше реална волја да се разговара и да се изнајде излезно решение.Би сакал да потсетам дека Буџетот за 2013 година во Собранието влезе уште на 3 ноември 2012 година, а комисиската расправа започна на 19 ноември. Беа поднесени огромен број амандмани, вкупно 1.225. По него Комисијата за финансирање и буџет расправаше повеќе од еден месец, во директен ТВ пренос, практика која ја воведов за да се постигне најголема можна транспарентност. Собранието, било и ќе биде најтранспаретната институција во Република Македонија. Веднаш, на првата координативна средба се зазеде став дека треба да се интезивира работата на комисиите, за што дадовме и рокови. Но, залудно, неколку денови се разгледуваше еден ист амандман. Претседателите на двете комисии надлежни за Буџетот на координацијата изјавија дека нивното работење е нефункционално и дека носењето на Буџетот е блокирано. Сега после се целосно сум убеден дека учеството на координативните средби на најголемата опозициона партија беше само алиби за насилно суспендирање на Собранието односно преку ултиматум и уцена за која беа свесни дека не е прифатлива, да се добие изговор за предизвикување хаос, непочитување на институциите и злоупотреба на граѓаните и улицата за своите теснопартиски сценарија. За враќање на власт по секоја цена! Морам, во оваа прилика да потенцирам дека во овој случај не е битен Трајко Вељаноски или која било друга личност која во моментот е на власт или е во опозиција. Најбитно е државата беспрекорно да функционира во согласност со демократските процедури и прописите. Мора редот и поредокот да се почитуваат. Мора да се почитува авторитетот на иституциите, интегритетот на пратеничката функција, како и интегритетот и достоинството на раководната позиција. Само така најјасно покажуваме и сведочиме дека ја почитуваме Македонија и нејзиниот уставен поредок. Само така и никако поинаку ќе не почитуваат граѓаните и генерациите што доаѓаат, вклучувајќи ја и почитта на нашите деца, вели Вељаноски.

Тој посочува дека биле искористени сите, апсолутно сите можности кои му стојат на располагање како претседател на Собранието за да се дојде до деблокирање на процесот на носење на Буџетот за 2013 година.

-Во оваа прилика, ќе откријам еден непознат момент. Имено, досега не спомнав дека непосредно пред да го вратам Буџетот во Владата за да ни достави дополнет предлог Буџет, самоиницијативно иницирав уште еден разговор, овој пат со генералниот секретар на СДСМ, г.Андреј Петров, сметајќи го како поумерена личност. Сакав да направам уште еден конструктивен обид надевајќи се дека ќе издејствувам преиспитување на нивните крајно непоспустливи позиции. Сепак, за моја голема жал добив негативен одговор од колегата Андреј Петров. До последен момент давав разни предлози и манифестирав добра волја, Собранието да постигне внатрешен договор. Но, после се’, сумирајќи ги сите околности и однесувања, морам да кажам дека опозицијата практично го погази и го злоупотреби парламенетот за своја ултимативна пресметка со Владата. Ова воопшто не беше, ниту е некаква нормална парламентарна битка. Напротив! Тоа е авторитарен обид на една политичка врхушка преку парламентот со недонесувањето на Буџетот и свесно создадена, овој пат, економска нестабилност, во 2013 година да се блокира работењето на институциите на системот, како и да се спречи одржувањето на претстојните локални избори. Практично, СДСМ го жртвува парламентот за партиска пресметка. И не е првпат тоа да го прави! Последните парламентарни избори беа, исто така, резултат на пресметана жртва и тактизирање со парламентот, вели во интервјути за МИА.

Вториот човек во државата вели дека веќе неколку години наназад парламентот за СДСМ е обична маша, со која, како сака го распалува политичкиот оган.

-На сред расправа која одеше во регуларниот амандмански колосек, колегите од СДСМ ултимативно предложија сосема нов неделовнички приод. Вон роковите предложија да им се прифати т.н. План за штедење кој нема врска со нивните стотици предложени амандмани со кои пак треба да се зголемат трошоците на државата. Тоа што министерот за финансии Зоран Ставревски прифати 44 амандмани повеќе не ги интересираше. Со новиот предлог, преку еден амандман, ултимативно бараа скусување на Буџетот за 204 милиони евра, иако до вчера бараа истиот да се прошири. Да заклучам, на сите координативни средби, во многуте лични разговори, колегите од СДСМ свесно не отстапија ниту еден милиметар од своите првични непримерни и недржавотворни позиции, заклучува тој.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: