„Република“: Почеток на крајот на Црвенковски

Не се урива Влада со 3.000 луѓе. Црвенковски ги потврди предвидувањата на Бучковски, Тргна на се’ или ништо, но по него не тргна народот, туку само неговите најблиски соработници и приврзаници кои што без него и онака немаат обезбедено сериозна политичка иднина, анализира новинрот Горан Момироски во најновиот број на неделникот „Република“ кој излезе денеска.

 

Последните инциденти во центарот на Скопје не го променија значително меѓународниот имиџ на земјава како нестабилна дестинација од чијашто европска интеграција зависи иднината на нејзините граѓани. Тоа што ги шокираше меѓународните институции е фактот што наспроти континуираниот страв од меѓуетничките судири во земјава постојат и голем внатремакедонски капацитети за судир, кои се спротивни на познатиот стереотип за „мирното Македонче“.

Странците се збунети и од фактот што еден експретседател на државата и премиер во неколку влади нареди јуриш и прв ги прескокна полициските огради за да влезе во парламентот. ЕУ и САД не наведоа прецизно кому му се обраќаат, но директно ги прозваа лидерите да не користат насилство и да се движат во рамките на законите. Дипломатите што ги консултираше „Република“ се вознемирени од сликите од Собранието и од инцидентите пред него, велат дека не можат да замислат еден поранешен претседател во Британија, Германија, Холандија или на Италија да го направи истото за да го спречи донесувањето на буџетот. И, навистина, како би изгледало поранешниот претседател на Австрија Томас Клестил, на пример, да почне директна пресметка со специјалната полиција во обид да влезе во австрискиот парламент незадоволен од тоа што собранието донесло некаков правен акт, па макар тоа да е и буџетот. Се разбира, секоја споредба со некоја од традиционалните демократии не е соодветна.

Македонија е пример сам за себе, пример во кој претседателот на Собранието може да изеде ќотек од кој било незадоволен пратеник, пратеници можат да бидат извадени насила од собраниската сала а ја напуштаат галеријата во собранието пред да бидат насила набркани од своите работни места. Споредувајќи ја својата последна политичка агенда, која Бучковски индиректно ја опиша со фразата „Ич или брич“, Црвенковски заборави дека функционира во државата во која иако законите не се почитуваа секаде и секогаш, сепак има систем што е базиран на легитимни изборни резултати и кој може да се спречи спроведување губитнички идеи штетни за сите граѓани.

Лидерот на СДСМ заборави дека се уште не се целосно променети методите врз кои почива системот поставен од него според кој победникот на избори го креира буџетот. И, пред се, заборави дека пиштолот што го покажа во првите сцени од „драмолетката наречена буџет“ може да истрела куршум и кон него. Притоа го фати амнезија и за традицијата на партијата со која се соочува. Имено ВМРО-ДПМНЕ ниту сега ниту во историјата никогаш не била либерална алијанса со „мек“ пристап кон проблемите. Сепак се работи за партија што произлегува од движење со долга историја на елиминирање на сите „предавници на каузата“ и каде што барем историски покрај Уставот, ножот и куршумот играле главна улога. Црвенковски не смееше да помисли дека владејачкава коалиција ќе се надмудрува со недели и притоа ќе дозволи блокада на буџетот и уривање на се што е направено во последните седум години, а е верификувано од соодветни светски финансииски институции. За модалитетите како е изведено тоа можеме да спориме, но ефикасноста секако не. А Црвенковски со својот рејтинг од седум проценти не може или не сака да разбере дека со своето неодговорно однесување од преседаните прави правила и принципи, кои утре ќе бидат пречка за СДСМ кога еден ден ќе дојде на власт, но ред се ќе бидат пречка за функционирањето на државата секогаш кога некој ќе биде незадоволен од однесувањето на власта.

Како што со блокадата на Скопје при продажбата на ЕСМ во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ постави стандард секоја незадоволна партија да може да блокира крстосници, сега СДСМ го создаваат правилото според кое секоја опозициска партија кога тие ќе бидат на власт ќе може да го држи во заложништво секој иден состав на парламентот. Со своето однесување Црвенковски истовремено им порача на Ахмети и на Тачи дека ќе бидат во право ако еден ден решат да побараат етнички буџет или федерализација и притоа ја блокираат државата ако се незадоволни од состојбите. Скопје го предаде Бранко Црвенковски сега ја има иницијативата, дојде до титулата јунак на денот, стана инстант-херој на навивачите кои сонуваат за тепачка со специјалци без притоа да постои опасност од кривична пријава, дури во неколку наврати во текот на еден ден се слушаше скандирање „Бранко, Бранко“. Исто како во старите добри денови. Но од друга страна тој го загуби Скопје. Од 2.500 и 3.000 луѓе од сите партии на опозициската коалиција што му го чуваа грбот пред Собранието не повеќе од една осмина беа од главниот град.

Дури и ако се пресметаат неколкуте стотини симпатизери блокирани од полицијата, меѓу нив и лица со сомнителни досиеја, не може да се промени бројката и впечатокот дека Скопје го предаде Бранко. Градот во кој на последните избори опозицијата освои речиси 180.000 гласови сега го игнорираше неговиот повик да му се придружат во „одењето до крај“. Дури и тие што беа пред собранието беа збунети од повикот на лидерот да се прескокнат оградите и да се тргне кон Собранието. Не повеќе од стотина луѓе тргнаа да го пробиваат полицискиот кордон. Другите останаа назад за да ја докажат аксиомата дека сеирџија е секогаш побезбеден статус од активен играч. Дискутабилен е и вкупниот број демонстранти што се појавија на најдраматичната битка меѓу двете водечки партии во овие 20 години. Максималните пет илјади луѓе (заедно со тие што тргнаа, а не стигнаа во Скопје) се директна негација на тезата што ја поставува Црвенковски дека народот нема да јаде леб и дека во земјата се е поцрно од најцрното. Проста математика вели дека ако за власта се сите 150.000 административци и уште толку членови на нивните фамилии, ако 200.00 пензионери се задоволни од постојаните покачувања на примањата, ако 500.000 се Албанци, дека од уште најмалку еден милион луѓе што не можат да се прехранат во Скопје, ќе се појавеа барем пет проценти или 50.000 луѓе.

СДСМ вели дека граѓаните се плашат, но зар е можно да има страв кај луѓето што и така немаат што да загубат затоа што според опозицијата немаат да ги платат сметките за електрична енергија, а децата им се гладни и жедни. А сликата ќе беше многу поинаква доколку пред Собранието се појавеа барем 20-30.000 гладни луѓе кои место да фрлаа со јаболка, ќе се судреа со полицијата. Но за такви бројки на СДСМ му треба нов лидер, кој нема да виде секојдневно врамуван во телевизиските спотови како најцрниот ѓавол во кратката македонска државност. Човек што нема да има за што да се правда ниту пред опозицијата, ниту пред историјата. Тоа што Црвенковски несомнено го доби е причината да не оди на избори. Сега веќе никој во партијата не може да му каже дека ќе згреши ако ги бојкотира локалните избори на кои, според последните анкети, СДСМ е апсолутен губитник. Исто како што ретко кој ќе може на ВМРО-ДПМНЕ да му забележи што ќе организира локални избори без опозицијата. Се разбира, ако претходно во изборниот законик ги вгради препораките на ОБСЕ и го прочисти докрај избирачкиот список. Ако се случи тоа, користејќи го преседанот направен во 1994 година од Црвенковски кога СДСМ го игнорираше бојкотот на опозицијата, Груевски ќе може да ги довие и главните бастиони на опозицијата Струмица и Карпош, со што ќе отвори две нови прашања. Како планира Црвенковски без логистиката и без финансиските инјекции од Заев и од Стевче Јакимовски да ја држи отворена банкротираната партиска сметка и како на двајцата свои најсигурни победници ќе им објасни дека поради неговиот личен интерес ќе мораат да се откажат од сигурна победа по што, како и во многу други случаи, би можеле да излезат на виделина работите кои ако останат ка локална власт би останале тајна.

Се разбира, веќе и врапчињата знаат дека Црвенковски со неучество на избори го одложува своето заминување. Неговото ветување дека ќе си замине ако на локалните избори не добие макар ни еден гас повеќе од власта веќе е минато. Сега главното прашање е како да се подготви неговата победа на конгресот во мај, поточно како да с отстранат можните внатрешни струи кои би можеле да побараат негово заминување. Со бојкотот на изборите тој привремено ги отстранува како опасност за таква дебата градоначалниците на Струмица, Куманово, Охрид и Карпош, чијашто тежина нагло ќе се намали доколку својата лична моќ и влијание во партијата а градат само врз партиските опозиции. Дополнително, доколку градоначалниците одбијат да бојкотираат постои огромна можност да за губат без поддршката на централата, која сега е под контрола на луѓето на Црвенковски.

Исто како што списоците од кои ќе се избираат делегатите за конгресот се во фиоката на неговите најблиски соработници. А во меѓувреме, Самарас и Борисов со задоволство ја следат состојбата во земјава и се надеваат дека во јуни воопшто ќе нема потреба да ставаат вето. Затоа што Македонија тоа може и сама да го направи. Колкава е конфузијата во редовите на опозицијата и колку барем навидум тие немаа план што да прават во Собранието се гледа во видеото на кое пратеничката Наташа Савова во собранието прво истури чаша со вода, потоа истата чаша ја скрши од подот на законодавниот дом и на крајот ги туркаше на земја бележниците од масата на која седи претседателот на Собранието. Целосно нелогична и необјаснива реакција на пратеници, кои место како во секој „нормален“ парламент да се степаат со колегите, им се навртеа на чашите, бележниците и на микрофоните.

Преземено од Република.

Пронајдете не на следниве мрежи: