Четворица руски војници ќе се најдат на суд заради кражба на банкарски картички на жртвите во несреќата на авионот во кој во април 2010 година загина полскиот претседател во близина на Смоленск, во Русија.
Ова во сабота го соопшти руската истражна комисија, која соопшти дека се собрани „доволно докази” против војниците, кои се товарат за „тешка кражба”.
Војниците на 10 април 2010 година биле во безбедносниот кордон околу местото на падот на авионот на претседателот Лех Качињски. Тие украле повеќе банкарски картички од кои подигнале 60.345 рубљи(1.600 евра).
Доколку се потврди нивната вина, им се заканува максимална казна од шест години затвор, пишуваат руските медиуми.
Полското правосудство најпрво јави дека се уапсени руски полицајци, но Москва тоа го негираше. Дури подоцна Москва призна дека се гонат четворица војници за кражба на картичките.
Авионот во кој беше претседателот Качињски, неговата сопруга и висока полска државна делегација, се урна на 10 април 2010 година обидувајќи се да слета во Смоленск во тешки временски услови. Загинаа сите 96 патници и членови на екипажот.
Полската делегација требаше да присуствува на 70 годишнината од масакрот врз повеќе илјади полски офицери заробени од Црвената армија, а ликвидирани од руската тајна полиција.
Пронајдете не на следниве мрежи: