Европската должничка криза и справувањето на Македонија со неа, роуд шоута за привлекување на странски инвестиции, инцидентот во Собранието, како и петкратното убиство кај Смилковското езеро, се дел од новогодишното обраќање на премиерот Никола Груевски.Тој ја повика опозицијата да се врати во парламентот и да учествува на следните локални избори во своето новогодишно обраќање до граѓаните.
„За среќа иако со последици за угледот на државата, Македонија не дозволи рушење на долго градената демократија и легитимно избраната власт на слободни и фер избори, ниту пак блокирање на земјата и штети врз граѓаните со неизгласување на буџетот. Носителите на овој недемократски чин имаат шанса да повратат дел од загубениот углед на земјата ако набрзо се вратат во Парламентот и учествуваат на следните локални избори, кои мора и ќе бидат како и претходните фер, слободни и демократски“ вели Груевски.
Во своето обраќање, Груевски го споменува извештајот на Европската Комисија, кој според него, бил досега најпозитивниот извештај иако Македонија не доби датум за почеток на преговорите.
Зборува за европската должничка криза која ја погоди и земјава, која беше ублажувана со антикризни мерки.
„Фактот дека еврозоната се наоѓа во рецесија, и дека поголем дел од аналитичарите веруваат дека кризата во Европа ќе потрае во наредните 4 до 5 години, се дополнително загрижувачки, но и притисок врз нас во Владата да размислуваме за нови чекори со кои ќе му помагаме на стопанството. Сепак и во такви услови успеавме не само да спречиме нов раст на невработеноста, туку и истата благо да се намали, што е редок феномен во услови на криза. Нашите напори да привлечеме капитал од странство оваа година беа повеќекратно поголеми отколку во минатото. Направивме посета на голем број компании и богати инвеститори, на бизнис презентации, роуд шоуа и претставувања на економските потенцијали на земјата, не само низ Европа, туку многу пошироко низ светот. Иако, резултатите од ваквите обиди обично доаѓаат по две, три години овој пат дел од нив почнаа да пристигнуваат и порано“ вели Груевски.
Тој го споменува и задоцнетото враќање на ДДВ на фирмите, кое владата вети дека ќе го врати до крајот на февруари.
Ги споменува најранливите категории, децата без родители кои добија закон за обезбедување на вработување, социјалците и пензионерите кои добија покачување, лицата со инвалидитет.
Со воведувањето на плаќање по учинок на лекарите, според Груевски, се очекува да се подобри односот пациент лекар.
„Сега кога платата на лекарите барем во мал дел ќе зависи од пациентите, и кога оние кои совесно, професионално и одговорно работат ќе добијат и парична награда, а оние кои потфрлиле ќе добијат мотивација да бидат подобри, очекуваме односот кон пациентот во болниците и клиниките да стане поблизок на односот во примарното здравство. Како што ветивме од јануари 2013-та стапува на сила и мерката со која секој месец 100-те најуспешни лекари во болниците и клиниките ќе земаат дупла плата. Според очекувањата, кај дел од лекарите овие мерки наидоа на негодување и штрајк, од кој ќе се излезе со спогодба која не ја дерогира смислата на оваа најзначајна реформа во здравството. Промени од ваков тип следната 2013-та година ќе има и во други државни сектори.“ вели Груевски.
Премиерот во своето обраќање не го споменува проектот „Скопје 2012“, туку градбата на последното парче од автопатот Александар Македонски, помеѓу Демир Капија и Смоквица, во вредност од над 200 милиони евра.
„Се изградија огромен број локални и повеќе регионални патишта. Работиме следната година да се обезбеди финансиска конструкција за изградба на други автопати и особено сме фокусирани на автопатот од Скопје кон Штип и од Скопје кон Охрид и албанската граница. Продолжуваме со градба во 2013-та и на многу нови локални и регионални патишта во Македонија, а ги направивме и најголем дел од подготовките да следната пролет започне градбата на гасоводот и на железницата кон Бугарија“ вели Груевски.
На крајот премиерот истакнува дека членството во ЕУ и НАТО останува наш предизвик, исто како и борбата за зачувување на нашето национално достоинство и идентитет.
„Изразувајќи Ви благодарност за Вашата доверба, Ви ја честитам новата 2013-та година, со желби за добро здравје, повеќе љубов и разбирање, спокојство, мир, просперитет и личен успех на секој од Вас и вашите семејства. Нека е среќна и бериќетна Новата 2013-та година!“ порачува Груевски.
Пронајдете не на следниве мрежи: