Новата 2013 година беше пречекана ширум светските метрополи, со спектакуларни огномети и многу забава. Над еден милион луѓе се собраа на плоштадот Тајмс Сквер во Њујорк за дочек на Новата година. Кулминација на забавата настана кога градоначалникот на градот, потпомогнат од група танчери, ја запалија традиционалната кристална топка точно една минута пред полноќ.
Спектакуларно беше прославата на пристигнувањето на новата 2013 година во Сиднеј, со пиротехничко шоу вредно седум милиони долари и специјален гостин, поп ѕвездата Кајли Миног.
Забавата потоа се пресели во Хонгконг, каде познатото пристаниште Викторија беше осветлено со прекрасни светла. Огномет имаше и во многу други азиски градови, вклучувајќи и за прв пат во Мјанмар.
Спектакуларно изгледаше новогодишниот дочек и на највисоката зграда во светот Бурдж Калифа во Дубаи.
Во Велика Британија, и покрај врнежливото време, илјадници луѓе излегоа на брегот на реката Темза за го следат огнометот, а тркалото „Окото на Лондон“ беше осветлено во различни бои.
Во Русија претседателот Владимир Путин го имаше своето традиционално новогодишно обраќање, во кое повика на единство.
Во Рим папата Бенедикт XVI ја прослави Нова година во базиликата „Свети Петар” со апел за солидарност до сиромашните и молба кон верниците од време на време да се запре, за да размислат, и покрај напорниот начин на живот.
„Треба да знаеме како да застанеме на момент и да размислиме. Ова е начинот на кој нашата душа ќе може да најде лек од неизбежните рани на секојдневниот живот“, порача папата.