Денвер ја прекина неверојатната серија на победи на кошаркарите на ЛА Клиперс, откако на домашен терен триумфираше со 92:78.
Тимската игра на Денвер во која шестмина играчи реализираа двоцифрен број на поени и лошиот шут од само 38 отсто од поле и 17 отсто за три поени беа главната причина што ЛА Клиперси по 17 победи го забележаа првиот пораз.
Данило Галинари со 17 поени беше најефикасен играч на Денвер, во чии редови со учинокот се истакнаа Кенет Фаред (14 поени, 12 скокови) и Андре Милер (12 поени, 12 асистенции). Блејк Грифин со 12 поени и 9 скокови беше светла точка во лошото издание на Клиперси, кои со скор 25-7 се наоѓаат на делба на првото место во НБА лигата.
ЛА Лејкерси продолжуваат да играат по системот ’топло-ладно’, на последните десет мечеви ’езерџиите имаат скор 10-6, додека против Филаделфија го забележаа седмиот пораз во 17-от натпревар сезонава кои го одиграа на домашен терен. Коби Брајант постигна 36 поени, но ниту тој не можеше да го спречи поразот на својот тим од 99:103. Џру Холидеј со 26 поени и 10 асистенции, односно Еван Тарнер со 22 поени и 13 скокови ја предводеа Филаделфија до 15-та победа во 32-от натпревар сезонава.
Амари Стадемаер се врати во составот на Њујорк, го одигра првиот меч во новата сезона, но неговата екипа загуби од Портланд со 100:105. Стадемаер натпреварот со заврши со шест поени, а на паркетот мина нешто повеќе од 16 минути. Кармело Ентони со 45 поени беше најефикасниот играч во поразениот тим, каде уште со 28 поени се истакна Џеј Ар Смит. Николас Батум со 26, Ламаркус Олдриџ со 19 поени и 14 скокови, Демијан Лилард со 21 поен и Џеј Џеј Хидсон со 18 кошеви го предводеа Портланд до победата.
На другите натпревари, Детроит го совлада Сакраменто со 103:97, Њу Орлеанс загуби од Атланта 86:95, а Вашингтон загуби од Далас со 94:103.