Повеќе од 80 луѓе решија Новата година да ја дочекаат со традиционалното капење во Балтичкото Море, кај градот Истад во Шведска.
Ова е осма година по ред во која жители на Истад и ентузијасти туристи влегуваат во студената вода на морето на Нова година.
Температурата и на морето и на воздухот беше 5 степени Целзиусови во вторникот.
Зимското капење е организирано од локална асоцијација (Föreningen Ystads Kallbadhus) која сака да го обнови зимскиот пливачки павилјон кој бил уништен во бура во 2004 година.
„Сакаме да ја потврдиме врската на Истад со морето, и се покажа дека ова е место каде луѓето можат да се сретнат во текот на целата година“, пишува на веб страната на асоцијацијата.
Слични павилјони, кои организираат зимско капење има по цела Шведска.
Во 2005 година, шведскиот архитект Томас Сандел, дури предложи градење кружна верзија на павилјон, поточно со луксузен хотел кој би плутал на вода во Ридарфјорден, во близина на градското собрание во Стокхолм.