Американскиот претседател Барак Обама, во вторникот навечер го поздрави договорот ратификуван во Конгресот и изјави дека со тоа го одржал едно од своите ветувања од кампањата околу воспоставување поправедна фискалност.
„Еден од столбовите на мојата претседателска кампања беше промената на данокот кој беше премногу поволен за богатите за сметка на средната класа.. Вечерва ги добивме гласовите на демократите и републиканците во Конгресот“, изјави претседателот Обама во кусото ноќно обраќање во Белата куќа.
Американскиот Конгрес го одобри зголемувањето на данокот за најбогатите домаќинства во САД, потврдувајќи го така двопартискиот договор кој ќе спречи најголемата светска економија да потоне во подлабока криза и во рецесија.
Со 257 гласови „за“ и 167 „против’, Претставничкиот дом во кој мнозинството го имаат републиканците го потврди предлог законот со кој претседателот Барак Обама го потврди предизборното ветување дека ќе ги зголеми даноците за оние американци кои заработуваат најмногу.
Сенатот, два часа откако истече рокот на 31-ви декември, со големо мнозинство го поддржа предлог законот со кој се намалува буџетскиот дефицит низ комбинација од намалување на буџетската потрошувачка и новите даноци кои ќе ги погодат најбогатите Американци.
Најважниот чинител од постигнатиот договор е зголемувањето на даночната стапка за домаќинствата коишто заработуваа повеќе од 450 илјади долари од 35 на 39,6 отсто, а за два месеца се одложува секое кастрење на буџетските расходи
Претседателот Обама по постигнатиот договор отпатува на Хаваите каде што ќе го продолжи одморот, соопшти Белата куќа.