Познатиот француски композитор и музичар Жан Мишел Жар, може да ја пресели својата компанија за електроника „Jarre Technologies“ во англиската престолнина Лондон, поради зголемувањето на даноците во Франција, пишува весникот Evening Standard.
Еден од пионерите на електронската музика кој се прослави по своите ласерски шоуа , 64-годишниот мултимилионер Жан Мишел Жар во ноември се сретнал со официјални претставници од кабинетот на британскиот премиер, при што било разговарано за можноста за пренесување на неговиот бизнис во ткн Tech City во Лондон. Станува збор за проект на британските власти за изградба источно од главниот град на огромен центар за високо- технолошки компании, како меѓународно познати, така и компании кои штотуку започнуваат.
Минатиот месец, шефот на британската влада, Дејвид Камерон најави инвестиции во создавањето на центарот од 50 милиони фунти.
Официјален претставник на Даунинг стрит потврди дека Жар во Лондон разговарал за развој на технолошкиот бизнис центар, но музичарот ги негираше информации околу преселувањето на компанијата, која произведува, на пример, аудио делови за iPod, iPad и iPhone, во Лондон. Тој изјави дека неговиот „личен и професионален однос со Велика Британија“ (музичарот беше во брак со британската актерка Шарлот Ремплинг) немаат ништо заедничко „со француската политика“.
Француската влада пред извесно време ја најави својата намера да воведе данок од 75 отсто на приходи од над милион евра годишно, што предизвика богатите Французи да почнат да ја напуштаат земјата или да го преселуваат својот бизнис во странство. Од таквите случаи најголем публицитет доби одлуката на актерот Жерар Депардје кој се пресели во село во Белгија, и да размислува да се откаже од француско државјанство.
Меѓутоа, сепак новиот данок не стапи на сила. Француската влада најави дека ќе се
претстави нов „данок за богатите“, односно нова верзија откако Уставниот совет во саботата го прогласи за неуставен законот од 75 отсто, меѓу другото и затоа што „не ја одразува еднаквоста (на граѓаните) пред државните намети“