Словенија го намали данокот на приход на фирмите

Данокот на приходите коишто ги плаќаат компаниите во Словенија на почетокот од 2013 година е намален од ланските 18 отсто на 17 отсто, со што владата сака да го поттикне економското заздравување и нови вработувања.

Данокот на приходи на правните субјекти во 2011 година во Словенија изнесуваше 20 отсто, а коалициската влада на десниот центар има намера сегашната стапка од 17 отсто и натаму постепено да ги намалува, па има намера данокот на приход на претпријатијата за две години да го спушти на 15 отсто.
Таквите мерки за поттикнување на економијата во словенечкиот парламент при усвојувањето на измените на законот за данок на приход го поддржа и опозицијата. Новото даночно оптоварување според оцените на словенечката влада би можело да ги поттикне домашните и странските инвеститори да вложат повеќе, те овозможува отворање на четири илјади работни места во приватниот сектор.
На почетоков од годинава во Словенија стапи на сила и изменетиот закон за даночна постапка, а овозможува даночни олеснувања за претпријатијата со годишен промет помал од 50 илјади евра. За нив данокот на приход ќе се пресметува врз основица којашто изнесува 30 отсто од прометот, а останатото ќе им се признава паушално како нормиран трошок за работењето.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: