Пласман во 1/8 финалето на СП е приоритет за ракометарите

 

Македонската ракометна репрезентација ја започна втората фаза од подготвките за настап на Светското првенство, кое од 11 до 29 јануари ќе се одржува во Шпанија. Во оваа фаза на подготовките националниот тим ќе одигра две контролни средби во Ниш, против Србија (петок) и Египет (сабота). 

Селекторот на репрезентацијата е задоволен од пристапот и сработеното во првата фаза од подготвките, кои беа спроведени во Пореч, каде во првата контролна среба беше совладана Саудиска Арабија со 28:21. 

Предводникот на ’црвено-жолтите’ дури по натпреварите во Ниш ќе одлучи кои ракометари ќе ги бранат боите на Македонија на Мундијалот во Шпанија. 

„Задоволство е што во оваа фаза на подготовките сé уште не можам да одлучам кои 17 ракометари ќе патуваат за Шпанија“, рече селекторот Звонко Шундовски, кој како приоритет на планетарното првенство го наведе пласманот во осминафиналето, но потенцира дека првите две средби со објективно послабите репрезентации, на Чиле и Катар, треба да бидат одиграни на максимално ниво.

Со констатцијата на селекторот се согласува и голманот Борко Ристовски, кој поради клупски обврски ги пропушти подготвките во Пореч, но вели дека на репрезентацијата и’ се приклучил максимално подготвен. 

„Можеби Чиле и Катар делуваат лесно, но се работи за незгодни репрезентации. Бидејќи тоа ќе ни бидат први натпревари на Светското првенство не можеме да знаеме во каква форма сме и со што располагаме и со кого играме. Ќе ја анализираме нивната игра, но и тоа не ја дава комплетната слика за противникот. Од овие два натпревара ќе зависи нашиот понатамошен пласман“, рече Ристовски. 

Голманот на репрезентацијата е свесен дека по големиот успех на Европското првенство и освоеното петто место, очекувањата на нацијата ќе бидат големи. 

„По Европското првенство сите на нас гледаат на поинаков начин, сигурно е дека нивниот пристап и мотивација ќе бидат поголеми. Свесни сме дека очекувањата на јавноста се големи, се очекува и медал“, дополни Ристовски. 

Капитенот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, знае на кој начин може да се забележи добра резултат во Шпанија. 

„Ако сакаме да направиме успех, не треба да се потпираме на еден или двајца играчи, треба да имаме седум-осум расположени играчи, со што и нашите шанси за успех на ова големо натпреварување ќе бидат поголеми“, вели најдобриот десен бек во 2012 година, во изборот на еминетниот француски весник ’Лекип’. 

Македонската репрезентација на Светското првенство ќе замине со чартер лет од Скопје за Севиља, на 11-ти јануари. 

Првиот натпревар во Б групата, ’црвено-жолтите’ ќе го одиграат на 12-ти јануари проитив Чиле. Потоа следуваат мечевите со Катар (13.01), Исланд (15.01), Русија (16.01) и Данска (18.01).

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: