Дваесет и пет годишна Бугарка без посериозни повреди преживеа тешка сообраќајна несреќа, откако во својот автомобил „Ауди“ излетала од патот во околината на Благоевград и паднала во 10-метарска бездна во реката Струма, јавуваат бугарските медиуми.
Несреќата се случила во четвртокот околу 19:00 часот по локално време, а се претпоставува дека причина за излетувањето од острата кривина е влажниот и лизгав коловоз. Автомобилот при излетувањето не се превртел, туку паднал на гумите во реката. Девојката успеала да излезе од него и да повика помош. Откако била пренесена во болница и било констатирано преладување на екстремитетите, девојката е пуштена на домашно лекување.
Службите во петокот наутро работеа на извлекувањето на автомобилот од реката.
Острата кривина на влезот од Благоевград минатата година однесе три млади животи, откако автомобилот со кој се превезувале удрил во минибус.
Приказна со среќен крај, пак, доживеаја три жени, откако по излетувањето на кривината автомобилот завршил на гранки од дрво во реката, а трите жени поминаа без повреди.