Македонската ракометна репрезентација, во петок и сабота, во Ниш, ќе ги одигра последните контролни средби, пред заминувањето за Шпанија, каде ќе биде учесник на Светското првенство.
Противници на македонските ракометари во нишката сала ’Чаир’ ќе бидат селекциите на Египет и Србија, кои како и ’црвено-жолтите’ изборија пласман на Мундијалот во Шпанија.
Заедно со селекторот Звонко Шундовски, во Ниш, ќе патуваат 20 ракометари, во зависност од формата и прикажаното предводникот на репрезентацијата ќе реши кои 16 играчи плус една резерва ќе патуваат за Шпанија. Конечниот список, селекторот ќе го соопшти по враќањето од Србија.
„Задоволство е што во оваа фаза на подготовките сé уште не можам да одлучам кои 17 ракометари ќе патуваат за Шпанија“, рече селекторот, кој како приоритет на планетарното првенство го наведе пласманот во осминафиналето, тој потенцираше дека првите две средби со објективно послабите репрезентации, на Чиле и Катар, треба да бидат одиграни на максимално ниво.
Според Шундовски, на натпреварите во Ниш, ќе се бруси формата и ќе се работи на тактичката подготвеност на екипата.
Македонија, в петок, ќе игра против Египет, почетокот на натпреварот е закажан за 19 часот, додека в сабота, мечот против Србија ќе започне во 18:30 часот.