Во анализата на неделникот„Република“ се пишува дека распадот на СДСМ е само прашање на време со оглед на фактот дека партијата и така тешко опстојува, а до распад останува само да исчезне финансиската поддршка од градоначалниците.
Што нѐ очекува на внатрешнополитички план во 2013 година?
-Новинарите и аналитичарите што ги консултираше „Република“ се согласуваат во едно, СДСМ и опозицијата ќе загубат премногу ако ги бојкотираат локалните избори. Партијата на Црвенковски би ги загубила единствените финансиери – градоначалниците, кои по шестгодишен „пост“ од централната власт, им се единствен извор на средства за партијата. И така, на последните парламентарни избори во 2011 година СДСМ го заложи и седиштето на партијата на поранешна Бихаќка. Тенката сметка на партијата, во која и членството не се плаќа како што треба, е и дел од причините за сегашните протести и сценарија на Црвенковски. Вака, како и да е, ќе ги има на медиумите, на телевизиите особено, каде што рекламите се скапи, а платената политичка програма, толку потребна за локалните избори, ќе чини многу. СДСМ на овој начин, со секојдневни протести, ќе ги има беспари секој ден во медиумите. Прашањето е -до кога? , пишува Република.
Според неделникот, телевизиите, радијата и пишаните медиуми можат да решат да стават крај и на тоа.
Експертите велат дека со оглед на лошиот рејтинг СДСМ не може да си дозволи предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
Новинарот Зоран Димитровски го анализира текот на настаните кои претстојат.
-Во првото тримесечје на 2013 година, извесно е дека политичките конфронтации во Македонија ќе почнат да се намалуваат, иако на прв поглед се чини дека допрва ќе растат, со оглед на најавените протести на опозицијата. Првиот сигнал дека е можно да дојде до своевидна политичка нормализација е последното интервју на потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, кој вели дека опозицијата ќе учествува на локалните избори доколку власта ги прифати сите забелешки на ОБСЕ/ОДИХР и ако го исчисти избирачкиот список. Ако не станува збор за одметништво и за раскол во СДСМ, во што е тешко да се поверува, оваа изјава претставува пресврт кај опозицијата. Пред само неколку дена, сега веќе во старата година, како услов да се врати во редовниот политички живот СДСМ бараше избори – и локални и предвремени – што ќе ги организира меѓународно тело, кое ќе ја гарантира нивната регуларност и демократичност, потоа техничка влада или влада на широка коалиција што ќе ги спроведе изборите итн. СДСМ, исто така, официјално ја одби новогодишната порака на премиерот Груевски пратениците од опозицијата да се вратат во парламентот и да учествуваат на претстојните локални избори. Попусто Заев одново објаснува што сакал да каже со изјавата, а СДСМ повторно цврсто објавува дека нема да оди на избори без новите услови. Заев, очигледно, наивно го открива сценариото на СДСМ. До пред избори да се труби дека опозицијата нема да учествува на нив, за да се добие што поголема отстапка од власта за изборните услови и да се мобилизира што повеќе членство за политичка битка, а потоа да се учествува на локалните избори. Зашто, јасно е дека маневарскиот простор за опозицијата е многу тесен. Лидерот Црвенковски нема мнозинство народ зад себе за да примени револуционерно сценарио како што му предлага поранешниот претседателски кандидат Љубомир Фрчкоски – народот да упадне во Владата и во Собранието, да ги освои институциите на власта и да ја симне насилно ВМРО-ДПМНЕ, а потоа да се распишат предвремени општи избори. За народно востание СДСМ нема поддршка ниту од т.н. меѓународна заедница, а голема главоболка за Црвенковски е тоа што и двете најголеми партии на Албанците се во институциите. Згора на тоа, сите пораки што ги добива СДСМ се политичката битка да продолжи да ја води низ институциите на системот. Сепак, брзо враќање во Собранието нема да биде можно пред локалните избори зашто тоа автоматски би значело крај на кариерата на Црвенковски, кој нема намера толку брзо да си замине од политичката сцена, вели тој.
Опозицијата, смета Димитровски, не може да си дозволи луксуз нејзините кандидати да не учествуваат на локалните избори.
-СДСМ и така тешко опстојува, па ако исчезне финансиската и политичка поддршка од градоначалниците на неколку општини – Карпош, Струмица, Охрид и Куманово, распадот на СДСМ ќе биде само прашање на време. Оттаму, учеството на локалните избори е императив за СДСМ, кој може да добие и неколку градоначалници повеќе, со што Црвенковски ќе може да се пофали и да преживее на наредниот конгрес. Условите, пак, за учество на локалните избори се горе-долу остварливи. Избирачкиот список веќе го има парафот од опозицијата во ДИК, а за забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, власта и опозицијата може лесно да се договорат. Од друга страна, неучеството на локалните избори може да поттикне нови политички субјекти да го заземат просторот на СДСМ, што е луксуз што најголемата опозициска партија не смее да си го дозволи. Можноста да се настапи со независни кандидати, за формално да продолжи бојкотот, е, исто така, опасна за Црвенковски, зашто „независните“ градоначалници би можеле, навистина, да станат независни. Освен ако СДСМ нема намера, навистина, да оди до крај – со отцепување на општините што ги владее, градоначалниците да останат на власт без избори, да се предизвика вонредна состојба во Македонија, при што власта ќе мора да ангажира безбедносни сили за да дојде до нереди и пукање. Но, ова сценарио е малку веројатно, изјавува за Република, Димитровски.
Професор Жидас Даскаловски смета дека разумот ќе надвладее. Тој вели дека опозицијата со инсистирање за поголема меѓународна вклученост во земјава само го продолжува векот на набљудување и помош, практика, која, инаку, била типична за колонијалните времиња и империи – каде што домородците никогаш не беа доволно зрели за сопствено владеење.
-Во Македонија опструкцијата е редовна политика бидејќи парламентот ја загуби својата функција да се дебатира конструктивно за да се постигне соработка или да се постигне консензус за одредено прашање. Главните политички проблеми кај нас не се врзани со создавање политика за решавање на граѓанските проблеми, туку се сведуваат на лични или партиски непријателства или добиваат национал-романтични карактеристики. Бојкотот на парламентот и протестите на СДСМ и на нивните коалициски партнери, кои почнаа минатата година, ќе бидат пресретнати со молби и со сугестии за нивно враќање на институционалните патеки. Тука ќе имаат улога и меѓународните организации и големите сили, кои, сигурно, не сакаат нова продлабочена криза во Македонија. Ќе има и молби и сугестии насочени кон власта, но, сепак, товарот ќе падне на Црвенковски и на неговите сојузници. Ваквото меѓународно посредување е битно и заради извештајот на Европската комисија за напредокот, кој се очекува во март. Инаку, меѓународното посредување во една умерена верзија во Македонија постои уште од раните 90-ти години на минатиот век во полза на премостување на разликите околу малцинската политика во однос на партиите на македонските Албанци, изјавува Даскаловски.
СДСМ со „Виетнамска војна“
Ќе тера ли СДСМ и психолошка војна против ВМРО-ДПМНЕ и во 2013 година? Еден од настаните што ја одбележаа минатата година беше и настапот на една постара госпоѓа, симпатизер на СДСМ, која мавтајќи со стап на протестите пред Собранието ја фалеше големината на половиот орган на лидерот на социјалдемократите. Старицата пред камерите покажуваше фалусни димензии „плашејќи“ ги граѓаните од народниот фронт, кои застанаа во одбрана на власта. Сѐ ќе беше во ред доколку старицата на крај на фалбите на половиот орган на Црвенковски, не кажеше „Од искуство!“, што во голема мера ги стави под знак на прашање и сексуалните апетити на лидерот.
Ова, во светски рамки, и не е толку непознат метод на „психолошка војна“. Големината на машкиот полов орган од дамнина била знак на почит во примордијалното општество и во племенските заедници. Познати се вакви случаи кај индијанските племиња во Америка, а најсвеж случај е Виетнамската војна. Во текот на војната, трупите на САД вршеле токму ваква психолошка војна. Знаејќи ги антрополошките истражувања за овој дел на светот и значењето на големината на фалусот како симбол на голем воин, тие од извидничките авиони исфрлале летоци во виетнамските прашуми наменети за локалното население и за силите на Виетконг. На летоците, на виетнамски пишувало дека Американците имаат полов орган поголем од 30 сантиметри. Така се обидувале да ги исплашат борците за слобода и да им вградат почит кон војниците на САД, кои, сепак, и покрај ова, ја загубија војната во Виетнам. Половина век подоцна, истото се случи на улиците на Скопје, анализира неделникот.
Пронајдете не на следниве мрежи: