Македонската ракометна репрезентација ја заврши и втората фаза од подготовките, во пресрет на Светско првенство, кое на 11. јануари ќе стартува во Шпанија. Во оваа фаза ‘црвено-жолтите’ најповеќе работа на тактичките варијанти, а одиграа и два контролни натпревари. Во Ниш, Македонија, во петокот го победи Египет (32:28), а во саботата минимално загуби од Србија (25:26).
Претходно, уште во првата фаза од подготовките, во Пореч, избраниците на Звонко Шундовски, ја победија Саудиска Арабија (28:21).
Ракометарите, веднаш по мечот со Србија се вратија во Скопје, во недела ќе одработат уште еден тренинг, за Божик ќе имаат слободен ден, по што селекторот ќе објави кои играчи ќе патуваат на Мундијалот во Шпанија.
Со оглед на резултатите во трите контролни натпревари, јасно е дека Шундовски ќе има тешка задача за да реши кои 16 играчи и една резерва ќе ги бранат боите на Македонија на СП.
Самиот селектор пред заминувањето за Ниш, рече дека е задоволен од посветеноста и од она како ракометарите ги исполнуваат задачите, што само ќе му создаде дополнителни главоболки околу одредувањето на конечниот список.
Репрезентацијата, за Севиља, каде ќе ги игра натпреварите од Б групата на СП, според првичниот план треба да замине со чартер лет на 10. јануари.
Првиот натпревар Македонија ќе го одигра против Чиле на 12. јануари, потоа ќе следуваат мечевите со Катар (13.01), Исланд (15.01), Русија (16.01) и Данска (18.01).