Казни од 30 до 2.000 евра за сообраќаен прекршок се предвидени со новиот Закон за безбедност во сообраќајот, што од недела почнува да важи во Црна Гора.
Доколку возачот и патниците во автомобилот не се врзани со сигурносниот појас, казната изнесува од 40 до 100 евра, а непоседувањето на флуоресцентен елек ќе се казнува од 30 до 80 евра.
Полицијата ќе толерира алкохол во крвта до 0,3 промили, наместо досегашните 0,5 промили, а над таа граница се предвидени казни.
Доколку кај возачот биде измерено од 0,3 до 0,5 промили алкохол, ќе треба да плати до 200 евра, а за над 0,5 промили следува одземање на возачката дозвола и казна од 2.000 евра или затвор од 60 дена.
За претекнување колона возила казната е до 450 евра, а преку полна линија до 300 евра. Казна до 150 евра е предвидена доколку на предното седиште се превезува дете помладо од 12 години, а од 30 до 80 евра ќе се казнува доколку дете до пет годишна возраст не се вози на посебно, сигурносно седиште.
За непоседување зимска опрема од средината на ноември до крајот на март е предвидена казна од 150 евра.
Посебно ригорозни се казните за пречекорување на дозволената брзина на движење. Така казните за пречекориување од 30 до 50 во населено место и од 50 до 70 km/h вон населено место ќе се движат до 450 евра, а за поголеми пречекорувања се предвидени казни до 2.000 евра.
Должност на црногорските возачи со новиот закон е и поседувањето на европскиот извештај за сообраќајни незгоди, а неговото немање ќе се казнува од 40 до 200 евра.