Жерар Депардје во Црна Гора договара филм за Строс-Кан

Жерар Депардје во вторникот во Црна Гора остварил разговори со продуценти за учество во филм за поранешниот шеф на ММФ, Доминик Строс-Кан, чие снимање треба да почне во Њујорк кон крајот на јануари, пренесува AFP повикувајќи се на адвокатот на славниот актер, Ерик де Комон.

Според адвокатот, токму поради оваа средба, Депардје беше оневозможен во вторникот да се јави на судското сослушување во Париз, каде што е обвинет за возење скутер во пијана состојба во ноември 2012 година.

Црногорските медиуми повикувајќи се на полициски извори пренесуваат дека Депардје треба да престојува „час до два“ во луксузниот хотел „Сплендид“ крај Будва. Потоа во главниот црногорски град Подгорица, францускиот актер би требало да се сретне со премиерот Мило Ѓукановиќ

Српската агенција Бета, пак, пренесува дека Депардје престојува во Црна Гора поради бизнис со недвижнини.

Претходно кога актерот влезе во дуел со социјалистичката влада на претседателот Франсоа Оланд, поради неговото селење во Белгија и поради спротиставување на законот од 75 отсто за Французите кои имаат примања над милион евра, Депардје беше прогласен за „кукавица и даночен бегалец“ од татковината и се шпекулираше дека можно е да побара црногорско државјанство. Сепак тој во меѓувреме побара и доби руски пасош, а изјави и дека има намера да земе и белгиско државјанство.

Претходно, инаку, француските медиуми објавија дека филмот за Доминик Строс-Кан, кој беше обвинет за силување на собарка во хотел во Њујорк, треба да започне во јуни. Режисер на проектот под работен наслов „ДСК“ треба да биде, според истите извори, Абел Ферара, а улогата на финансискиот експерт и политичар била наменета за Депардје, додека ролјата на сопругата на Строс-Кан наводно треба да ја толкува Изабел Аџани.

Француските медиуми напомнуваат дека не е јасно како одолжување на парницата може да влијае врз работата на Депардје, кој во почетокот на јануари доби руско државјанство. Откако тој не се појави на рочиштето, на коешто можеше да се изјасни за виновен за поедноставување на постапката, актерот ќе треба сега да се појави пред вишиот суд во Париз. Според француските закони, за управување со моторно возило во алкохолизирана состојба предвидена е казна до 4.500 евра или две години затвор.

 

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: